Советот на ЕУ даде зелено светло за првиот закон на Европската Унија за борба против насилството врз жените и семејното насилство, за кој земјите-членки имаат рок од три години да го применат во националното законодавство.
Новиот закон бара од сите земји-членки на ЕУ да го криминализираат осакатувањето на женските гениталии, принудните бракови и кибер насилството, како што се споделување интимни фотографии без согласност, кибер следење, кибер вознемирување и кибер-поттикнување омраза или насилство, се наведува на веб-страницата на Советот на ЕУ.
Пол Ван Тигчелт, потпретседател на белгиската влада и министер за правда и за Северното Море, рече дека усвојувањето на овој закон е револуционерен момент во зајакнувањето на правата на жените.
– Вистинската еднаквост може да се случи само кога жените можат да живеат без страв дека ќе бидат малтретирани, насилно нападнати или физички повредени. Овој закон е важен чекор за да се случи тоа – рече Тигчелт.
Директивата содржи и детални правила за мерките за помош и заштита што земјите-членки треба да ги обезбедат на жртвите и мерки за спречување на насилството врз жените и семејното насилство и поставува стандарди за заштита на жртвите на овие кривични дела.
Овој закон ќе гарантира, низ ЕУ, дека неговите сторители ќе бидат строго санкционирани и дека жртвите ќе ја добијат сета потребна поддршка.