Тензиите помеѓу САД и Кина не се смируваат по инцидентот со соборениот кинески балон, при што двете велесили и натаму разменуваат обвиненија во ситуација на нарушени меѓусебни односи.
Американската војска собори неколку неидентификувани летачки објекти во американскиот воздушен простор, откако го собори кинескиот балон над сојузната држава Јужна Каролина. Ваквата ситуација предизвика збунетост и паника, па од Пентагон беа принудени да дадат објаснување.
Соборениот балон ги судри Вашингтон и Пекинг
Американските власти истакнаа дека почнале повнимателно да го надгледуваат воздушниот простор по инцидентот со кинескиот балон, по што соборија помали летечки објекти над Алјаска во петокот, над Канада во саботата и над Мичиген во неделата.
– Зголемениот број инциденти отвора прашања за односите помеѓу двете најсилни светски економии, особено додека администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден е на штрек поради наводната кинеска програма за надзор за која се тврди дека опфаќа повеќе од 40 држави, што Пекинг го негира – пишува „Блумберг“.
Кина возврати на американските обвинувања и денеска соопшти дека американски балони го нарушиле нејзиниот воздушен простор десетина пати од почетокот на 2022 година, објавувајќи ја оваа информација во време на тензии меѓу Пекинг и Вашингтон откако кинески балон прелета над територијата на САД.
На почетокот на месецов, американската војска собори кинески балон за кој Пентагон тврди дека е шпионски и дека имал намера да собира чувствителни податоци. Кина го осуди инцидентот, велејќи дека се работи за цивилно летало што го сменило курсот.
Од тој инцидент, неколку летечки објекти се забележани над Канада и САД, пред да бидат соборени. Засега не е познато што се тие летечки објекти и од каде потекнуваат.
Запрашан за ова, портпаролот на кинеската дипломатија денеска изјави дека американски балони летале над нејзиниот воздушен простор.
– Само од минатата година, американските балони летаа над Кина повеќе од десет пати без никакво одобрение – изјави за новинарите портпаролот на Министерството за надворешни работи, Ванг Венбин.
Тој не даде детали за инцидентите, апелирајќи до новинарите да се обратат на „американската страна“. Нагласи дека Пекинг се справувал со овие упади на „одговорен и професионален начин“.