Фото: Министерство за обрана на Италија

Најмалку осум лица загинаа, а илјадници се раселени по обилните дождови што го погодија северниот италијански регион Емилија-Ромања, соопштија денеска локалните власти.

Обилните врнежи предизвикаа излевање на 21 река, кои поплавија улици и куќи, а имаше и прекини во железничкиот сообраќај.

-Најмалку 5.000 луѓе се евакуирани од областа – рече министерот за цивилна заштита Нело Мусумечи.

Вкупниот број на градови погодени од поплавите е 36, додека одрони се забележани во 48 градови и села.

Властите ги предупредуваат жителите на погодените подрачја дека врнежите би можеле да траат уште 12 часа.

-Вонредната состојба воопшто не е завршена… Спасувачките операции се сложени и може да ги доведат спасувачите во опасност – рече Тити Постиљоне, заменик-шеф на италијанската Агенција за цивилна заштита.

Трката во Формула 1, која требаше да се вози во Имола овој викенд, во близина на најтешко погодените области, е откажана. „Одлуката е донесена бидејќи не е можно безбедно да се одржи настанот за нашите навивачи, тимови и персонал“, соопштија организаторите на Формула 1.

Пред две недели слични временски појави предизвикаа најмалку два смртни случаи и голема штета во истиот регион.

Мусумечи рече дека Владата будно ја следи состојбата и веќе има предвидено 10 милиони евра за оваа област.

Италија е погодена од долги периоди на суша во последниве години, но експертите велат дека другите екстремни временски настани, како што се бури и поплави, стануваат сè почести поради климатските промени.

Поради долготрајната суша, почвата го апсорбира дождот помалку од вообичаено, со што се зголемува веројатноста за поплави.