Според повеќето воени аналитичари, по 270 дена од војната во Украина, со навлегувањето во длабока есен на војување и со зимата на прагот, сѐ повеќе од јасно е дека „стратезите во Москва не очекуваа дека ова (специјална воена операција) ќе се претвори во војна од сите размери“ и дека „ќе трае толку долго“. Фактот дека судирот сѐ уште трае, ја носи Русија пред нов предизвик

Воени аналитичари со сериозни забелешки за тешки пропусти на руските стратези за операцијата во Украина

Оператика е дисциплина на воената наука, развиена за спроведување во практика, заради подготовка, планирање и спроведување воени операции во рамките на стратегијата на државата што војува. Во таа област, како дел од воената доктрина, се развиени повеќеслојни активности на воената вештина како ниво на организација за модерното војување. Тоа би значело дека станува збор за почитување група обврзувачки принципи што мора доследно да се спроведат, и на тактичко и на стратегиско ниво, било да се тоа операции на копно, море или во воздух, или комбинирано, на линијата на фронтот или во заднината. Очигледно, според анализите на повеќето странски воени стратези, оператиката и настапот на руските сили во одреден момент потфрлија, и тоа токму во делот од синџирот на снабдување, или т.н. воена логистика. Некако многу симптоматично, бидејќи токму со коронавирусот, уште од пред две години, главен светски проблем стана прекинатиот „синџир на снабдување“ од точка А до точка Б, при што тоа предизвика тешка криза во системот. Според аналитичарите, истото тоа се проектирало и во рускиот систем на војување.

Логистиката клучна алка за (не)успех

Специјалната воена операција, како што ја нарекоа руските власти воената акција во Украина, не се одвива онака како што предвидуваа и очекуваа воените стратези во Кремљ. Тоа би можело да биде сублиматот на поголемиот дел од анализите што ги објавуваат деновиве искусни воени аналитичари и експерти. Ситуацијата во Украина, која е константно присутна во сите светски медиуми последниве девет месеци, деновиве ја анализираат и некои од балканските медиуми, потенцирајќи дека никој во овој момент не може да каже кога би бил крајот на конфликтот. Но она што е јасно и што интензивно се анализира, тоа е прашањето зошто потфрлила руската воена машинерија. Во тоа се речиси едногласни повеќето автори на овие анализи, кои бараат и нудат одговор како и зошто потфрлила „втората воена сила во светот“, како што ја нарекуваат западните аналитичари.
Но она во што се речиси едногласни авторите на овие текстови е сознанието дека Русија е „заглавена“ во Украина поради „слабото или лошото снабдување на линијата на фронтот, во длабочината, на запоседнатата територија или, пак, во заднината на украинските сили“. Значи, логистиката крајно потфрлила!
Во прилог на ова се издвојува еден мошне пластичен пример што ја поткрепува оваа теза. Имено, тоа е моментот кога руските падобранци, како на класична воена вежба, лесно и прецизно извршиле слетување на аеродромот „Гостомел“, блиску до Киев, во Украина. Можеби падобранците би стигнале дури и до центарот на главниот град на Украина, доколку логистичарите во Москва не направеле сериозна грешка при планирањето и изведбата на подршката на своите специјални сили. Имено, наместо реализирање натамошни приоритетни логистички зафати за падобранците што успешно ја минале првата фаза, но се разбира за понатаму биле потребни засилувања (луѓе, опрема, муниција, борбена технологија итн.), логистиката од Москва испланирала во камионите што редовно го носле планираното засилување и неопходната опрема кон својата одредница до точка Б во Украина, во исто време и во ист правец да ја стават и приоритетната логистика наменета за специјалците и нивниот „блицкриг“?!
Имено, помалку неопходна опрема, многу габаритна и тешка, сѐ на куп било испратено од Русија кон Украина, затоа што некој од Москва сметал дека „во ист трошок“ треба се снабдат „и други работи што би биле потребни подоцна“. Сметајќи на намалување на трошоците и наводни заштеди, сета таа силна опрема завршила на ист пат, низ густи малку проодни калливи шуми, поради што настанала колона долга 60 километри. Украинците го искористија вака настанатиот логистичко-сообраќаен руски застој, па и колапс, и благодарение на беспилотните летала и сателитските снимки обезбедени од НАТО, прецизно насочија артилериски оган кон колоната логистика за руските сили.
Грешката стана јасно видлива за сите кога во светот се појавија фотографии од уништената руска опрема на аеродромот „Гостомел“. Руски камиони беа паркирани како во мирнодопски услови, уредно, под конец, еден до друг. Доволно било огнот да зафати само еден камион и експлозиите и пламенот да се прошират.
Доцнењето поради споменатата колона, долга 60 километри, им овозможи на Украинците да се реорганизираат и да ја организираат одбраната на Киев. Руските падобранците се обиделе да упаднат во главниот град на Украина, но биле спречени во серија заседи. И тоа не беше единствената грешка на руската логистика, односно прекинување на синџирот на снабдување со материјално-технички средства, муниција, луѓе или гориво…
Токму таквите појави беа во центарот на проблемите, кои ги доведоа руските сили и до повлекување од десниот брег на реката Днепар.

НАТО многу помогна да се лоцираат и уништуваат центрите за снабдување на руската војска

Американскиот ракетен систем со долг дострел „Химарс“ им донесе на Украинците тактичка предност на боиштето. Повторно со помош на сателитски податоци на НАТО, од почетокот на септември, Украинците целеа на сите точки во длабочина, под контрола на Русите, за кои се сомневаше дека се користат за складирање муниција и опрема. Ден по ден, магацините, фабриките и шумите беа систематски бомбардирани и уништени.
Потоа, Украинците го гаѓаа и мостот „Антоновски“ на реката Днепар, кој беше толку оштетен што Русите мораа да постават понтонски мост. Снабдувањето на армијата со 30.000 члена, со придружната опрема, сè уште не беше изводливо преку скелиња, па генералот Сергеј Суровикин ја донесе најлогичната можна одлука, да ги повлече војниците на левиот брег на Днепар.
Сè на сè, Русите имаат сериозни пропусти во краткорочното и долгорочното водење на војната. Ударните трупи успеаја да ги исполнат поставените задачи или пристигнаа на дофат на целите. Но успехот изостана поради недоволно разработените планови. Да речеме, централната борбена група што дејствуваше низ Чернихив, исто така, ја постигна својата цел и стигна до североисточните предградија на Киев. Во тој момент Киев беше полуопколен. Сепак, гореспоменатите војници останаа без засилување за решавачкиот удар. Патиштата преку кои требаше да пристигнат поддршката и резервите останаа во дострелот на украинската артилерија или беа изложени на напади од диверзанти. Доволно за нападот да ги изгуби моментот и моралот на војниците.
Фактот дека војната е продолжена ја носи Русија пред нов предизвик. Опремата со која единиците тргнаа во походот кон Украина во февруари беше уништена, оштетена или едноставно мораше редовно да се одржува. Состојбата со тенковите и оклопните транспортери е особено критична. Според некои непроверени информации, Белорусија веќе ѝ „позајмила“ на Русија 130 тенка за пополнување на единиците. Колку е критична ситуацијата може да се заклучи од фотографиите од обуката на новомобилизираните војници, кои вежбаат на тенкови „Т-55“.
Русија има седум фабрики што произведуваат делови за тенкови. Овие капацитети сега главно се користат за поправка и модернизација на стара опрема, останата од времето на СССР. Производството на нови тенкови досега беше на ниво од околу 60 единици годишно, што не може да ги покрие ниту месечните загуби во Украина.
Сето ова, според анализите на повеќето воени аналитичари, води до заклучок дека Русија немала намера конфликтот во Украина да се одолжува толку долго, но нешто очигледно излегло од контрола. Логистиката пред сѐ.

Подготвил: Mарјан Велевски