Фото: Пиксабеј

Земјотрес со јачина од 5,2 степени според Рихтеровата скала денеска напладне го погоди грчкиот остров Самос во Егејското Море во близина на брегот на Турција, јави „Катимерини“.

Според податоците на Институтот за геодинамика на Атинската опсерваторија, земјотресот е регистриран во 13 часот и 10 минути по локално време. Неколку минути претходно, во 12:56 часот, областа ја погоди малку послаб земјотрес со јачина од 4,7 степени според Рихтеровата скала. Во 13:19 часот имаше трет, многу послаб земјотрес со јачина од три степени.

Епицентарот на земјотресот бил на 17 километри југозападно од селото Питагора на Самос, на длабочина од 12,8 километри.

За земјотресот известија и турски сеизмолошки извори.

Засега нема информации за материјална штета или повредени лица.

Земјотресот беше силно почувствуван и во Турција, особено во Кушадаси, Измир и Мугла, каде предизвикал паника меѓу населението.