Кинескиот претседател Си Џинпинг во новогодишната порака го пофали напредокот на Кина во бројни области и уште еднаш навести дека Пекинг има намера да го присоедини Тајван.
Во новогодишната порака, објавена преку платформите на Кинеската медиумска група (CMG), Си рече дека економијата на Кина повеќепати соборувала нови рекорди и додаде дека се очекува нејзината вредност во 2025 година да достигне 140 билиони јуани.
Си наведе дека Кина дала повеќе сила на висококвалитетниот развој благодарение на иновациите и додаде дека длабинската интеграција на науката и технологијата со индустриите родила иновативни достигнувања, дека се одвивала жестока конкуренција во полето на развојот на големи модели на вештачка интелигенција и дека е постигнат нов пробив во самостојното истражување на чипови – пренесува „ЦМГ“(CMG).
– Благодарение на тоа, Кина стана една од економиите кои остварија најбрз скок според капацитетот за иновативност – рече Си Џинпинг, лидерот на владејачката Комунистичка партија на Кина.
Тој потсети дека сондата „Тијанвен 2“ тргна на патување за истражување на мали планети, дека е започната изградбата на проектот за хидроцентрала во долниот тек на реката Јарлунг Зангбо, дека официјално е вклучен во служба првиот носач на авиони со електромагнетен катапулт, дека хуманоидните роботи успеале да изведат фантастична претстава со боречки вештини и оти дроновите донеле имагинативно шоу со огномети на небото.
– Иновациите и креациите доведоа до напредок на новата квалитетна продуктивна сила, но и нашиот живот го направија многу поубав. Економската, научно-технолошката, одбранбената и сеопфатната моќ на Кина се искачи на нова висина, а бистрите води и зелените планини се највпечатливите бои на патот на кинескиот развој, додека чувството на добивка, среќа и безбедност на народот континуирано се зголемуваше – наведе Си во новогодишната порака.
Тој ја спомена и намерата на Пекинг да го присоедини Тајван, островот кој Кина го смета за дел од својата територија, и околу кој во претходните денови кинеската војска одржа воени вежби како предупредување до владата во Тајпеј поради нејзината намера да купи големо количество оружје од САД, вредно повеќе од 11 милијарди долари.
– Сонародниците на двата брега на Тајванскиот Теснец имаат крвна поврзаност и затоа историскиот тренд на обединување на татковината е незапирлив – рече Си во новогодишната порака.
Наведувајќи дека неодамна присуствувал на свеченото отворање на Националните игри и дека е воодушевен од синхронизираните акции на луѓето во Гуангдунг, Хонгконг и Макао, Си рече дека е неопходно непоколебливо да се спроведува насоката „Една земја, два системи“, да се поддржува подоброто вклучување на Хонгконг и Макао во целокупната слика на развојот на Кина, но и да се одржува долгорочен просперитет и стабилност.
Си исто така го пофали сè поголемото учество на Кина на светската сцена, наведувајќи ги политичките настани на високо ниво кои земјата ги организираше во текот на 2025 година.
Кинезите „продолжија да го гушкаат светот со раширени раце“, рече Си, наведувајќи дека успешно се одржани самитот на Шангајската организација за соработка во Тјенџин и Глобалниот самит на жени, и дека се воведени независни царински операции на целиот остров Хајнан.
– Заради подобро реагирање на климатските промени, Кина ја обелодени својата нова цел на национално одредени придонеси. По објавувањето на трите Глобални иницијативи, Кина ја изнесе и Иницијативата за глобално управување, што придонесе за изградба на поправеден и поразумен систем на глобално управување – додаде Си.
Си рече и дека светот денес е испреплетен со промени и турбуленции и дека одредени подрачја сè уште се под сенка на војна и конфликти.
– Кина секогаш стои на правилната страна на историјата и се надева дека сите земји заедно ќе ги промовираат мирот и развојот на светот, и ќе ја унапредат изградбата на заедница со заедничка иднина на човештвото – наведе Си.
Тој додаде дека во пресрет на Новата година сака на сите да им упати најубави желби од Пекинг.
– Набрзо ќе заблеска новогодишното сонце. Сакам планините и реките да бидат прекрасни, земјата да биде плодна, богата, а сончевата светлина да ја обои татковината. Им посакувам на сите многу радост, успех во работата и исполнување на сите желби и очекувања – рече претседателот на Кина.
































