Кинескиот претседател Си Џинпинг изјави дека успешното партнерство меѓу Кина и САД е можност двете земји да бидат двигатели на меѓусебниот развој, а не пречка, јавија кинеските државни медиуми.
-Кина е подготвена да им биде партнер и пријател на САД. Тоа ќе биде од корист не само за двете земји, туку и за светот, рече Си на годишната церемонија на доделување награди за 2024 година на Националниот комитет за односи меѓу САД и Кина – пренесe Си-си-тв (CCTV).
Си посочи дека односите меѓу Кина и САД се меѓу најважните билатерални односи во светот и влијаат на иднината и судбината на човештвото.
Двете земји имаат несогласувања околу прашањата за националната безбедност, актуелните трговски спорови, како и активностите на Кина во Јужното Кинеско Море и интензивирањето на воените вежби околу Тајван.
Трговските односи се влошија во текот на изминатата година и се фокусираа на прашања како што се ограничувањата на електричните возила и напредните полупроводници.
-Кина отсекогаш управувала со кинеско-американските односи според принципите на меѓусебно почитување, мирен соживот и соработка меѓу двете страни и секогаш верувала дека успехот на Кина и на САД е можност и за двете земји – рече Си.