Фото: Принтскрин

Кинескиот претседател Си Џинпинг денеска го претстави нацртот на петгодишниот план во кој се наведени целите за земјата и владејачката Комунистичка партија (КПК).

Си во говорот на отворањето на пленумот на Централниот комитет на ККП, „ги објасни нацрт-предлозите на раководството на партијата“ за следниот петгодишен план за национален економски и социјален развој, за периодот од 2026 до 2030 година.

Новиот петгодишен план доаѓа во време на растечки предизвици и неизвесности за Кина, вклучувајќи забавување на економијата, странски ограничувања за пристап до технологија и високи тарифи за извоз во Соединетите Американски Држави.

Планот треба да се фокусира, како што објавува „Ксинхуа“, на „висококвалитетен“ развој и технолошки иновации, а воедно да се обезбеди заштита на националната безбедност и пофер и поширока распределба на придобивките од економскиот раст.

-Ќе има тешкотии и пречки на нашиот пат напред, а може да се соочиме и со големи искушенија. Мора да бидеме подготвени да се соочиме со низа нови ризици и предизвици – се вели во него.

Пленумот на Централниот комитет на КПК ќе трае четири дена и ќе собере околу 200 членови на партијата со право на глас и 170 заменик-членови на Централниот комитет.

Телото ќе го одобри нацрт-петгодишниот план, но сите детали веројатно нема да бидат објавени сè додека не биде формално одобрен на следниот годишен состанок на законодавното тело, што се очекува во март.