Шведскиот парламент денеска ги изгласа измените на Уставот заради зајакнување на борбата против тероризмот, што Турција го бара за да го поддржи влезот на земјата во НАТО. Парламентот денеска, исто така, изгласа и уставни амандмани за шпионирањето и собирањето информации, што предизвика загриженост во медиумите.
Уставниот амандман овозможува ограничување на принципот на слобода на здружување „кога група се смета за терористичка или поддржува тероризам“.
Против гласаше единствено опозициската партија Левица.
Амандманот, што ќе стапи на сила во јануари, треба да овозможи полесно гонење на членовите на Курдската работничка партија (ПКК), која Шведска и ЕУ ја сметаат за терористичка.
Турција го кочи приемот на Шведска и Финска во НАТО, обвинувајќи ги дека засолниле милитанти блиски до ПКК и Единиците за заштита на народот (YПГ) кои дејствуваат во Сирија, а кои Анкара ги смета за терористи.
Шведска долго време имаше благи закони кога станува збор за борбата против тероризмот.
Шведскиот премиер Улф Кристерсон минатата недела во Анкара вети дека ќе ги разгледа барањата на Турција, нарекувајќи ја уставната промена „голем чекор“.
Освен тоа, шведскиот Парламент усвои уставни амандмани кои се цел на критики поради нивното потенцијално влијание врз новинарството, пренесува германска ДПА.
Странската шпионажа на тој начин станува кривично дело и влегува во кривичниот законик.
Амандманите го ограничуваат правото да се собираат информации за шведската меѓународна соработка за објавување во медиумите, што се заштитени со Уставот.
Казниво станува и обезбедувањето информации што би можеле да им наштетат на односите на Шведска со другите земји или организации, како што се ОН и НАТО, наведе шведската телевизија СВТ.
Владата посочува дека тоа е неопходно за да се заштити безбедноста на земјата и да се затворат дупките во законите. Новинарите стравуваат дека овие мерки би можеле да влијаат врз заштитата на изворите и свиркачите.
Медиумите предупредуваат дека тоа ќе ги загрози демократијата и слободата на изразување.