Турција и Шведска ќе ги продолжат разговорите со цел да се надминат приговорите на Анкара на барањето на Шведска за членство во НАТО, изјави денеска главниот шведски преговарач Оскар Стенстром.
Тој посочи дека е направено доволно кога станува збор за убедување на неговиот турски колега.
– Сепак, Турција сè уште не е подготвена да донесе одлука – рече Стенстром, додавајќи дека нема конкретен датум за продолжување на разговорите.
Од друга страна, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган истакна дека Шведска не треба да очекува промена на ставот на Турција во однос на кандидатурата на Шведска за членство во НАТО на самитот на Алијансата идниот месец, освен ако не ги спречи антитурските протести во Стокхолм.
Тој тоа го изјави во пресрет на денешните разговори со шведските официјални претставници во Анкара, наведувајќи дека таков став ќе изнесе и на тие средби.
Шведска и Финска во мај минатата година поднесоа барања за членство во НАТО, а Турција постави како услов за ратификација на нивните барања во турскиот Парламент тие две земји да ги екстрадираат во Анкара осомничените за тероризам.
Во меѓувреме, Финска стана членка на Алијансата во април, а барањето на Шведска се уште не е одобрено од Турција и Унгарија.