Барањата на најголемите европски индустриски компании се за проактивно однесување на Европската комисија за да најде начин „да ги присили“ земјите членки на ЕУ веднаш „да ги отстранат незаконските или неразумните бариери на единствениот европски пазар“. Кои се тие „незаконски“ или „неразумни“ бариери што ја минираат конкурентноста на европските индустриски компании?
Економијата на ЕУ ја губи конкурентноста во споредба со САД и со Кина
Европската Унија заостанува зад САД и Кина во економскиот раст и иновациите, се предупредува во најновиот документот на Европската групација за индустрија (ЕРТ), во која учествуваат шеесет најголеми индустриски компании, кои беа главниот двигател на идејата за интеграција на единствениот пазар и пазарот на капитал во Европската Унија. Според анализите на ЕРТ, состојбата со конкурентноста на европската економија е лоша. Во еден од нивните документи се тврди дека ЕУ инвестира значително помалку од другите глобални економии во истражување и развој – само 2,27 отсто од вкупниот БДП, во споредба со 2,40 отсто во Кина, 3,45 отсто во САД и 4,81 отсто во Јужна Кореја.
Контрапродуктивни економски политики на ЕУ во последната деценија и пол
Во последните 15 години имаше голема разлика во стапката на економскиот раст меѓу ЕУ и САД, бидејќи ЕУ одржуваше макроекономски контрапродуктивни политики на штедење што ги инхибираат новите инвестиции, додека другите економии активно инвестираа.
– Нашата цел е да ја анализираме состојбата на конкурентноста на европската индустрија – изјави за „Еурактив“ Жан-Франсоа ван Боксмер, претседател на ЕРТ, како и претседател на телекомуникациската компанија „Водафон“.
Тој предупредува дека Европа во наредните години може да биде економски ирелевантна доколку се погледне разликата во стапката на раст меѓу САД и Европа и доколку тој се проектира со истиот тренд во следните десет години.
Со слични песимистички прогнози настапува и Џејкоб Валенберг, член на управниот одбор на ЕРТ и претседател на „Инвестор АБ“, која има големи удели во голем број нордиски компании.
– Имаме вистински проблем. ЕУ е болно отсутна. На Европа ѝ недостига чувство на итност – вели Валенберг.
Како поткрепа на неговиот став тој ги наведува механизмот за следење на развојот на клучните технологии на Австралискиот институт за стратегиска политика (ASPI), кој следи кои земји се лидери во одредени технологии. Од овие 44 „параметри“ на технолошки развој, Кина има водечка улога дури во 37, а на второ место се САД.
Што конкретно би значел предлогот „за поголема и нтеграција на единствениот европски пазар“?
Од ЕРТ се залагаат за посилен фокус на економскиот раст, што ќе бара уште поголема интеграција на единствениот европски пазар. Европската комисија мора да води сеопфатна програма за обликување на заедничкиот пазар во сите области на политиката, вклучувајќи ги и енергијата, дигитализацијата, капиталот, животната средина и одбраната, се наведува во документот на ЕРТ. Авторите на анализата за европската конкурентност се надеваат дека таа ќе влијае на програмата на следната комисија, која ќе да започне со работа есента 2024 година.
Барањата на најголемите европски индустриски компании се за проактивно однесување на Европската комисија за да ги „присили земјите членки на ЕУ веднаш да ги отстранат незаконските или неразумните бариери“ на единствениот европски пазар“. Комисијата треба повеќе да се фокусира на усогласување и поедноставување на постојните правила наместо постојано да донесува нови. Сепак, една од клучните причини зошто ЕУ толку многу се потпира на регулативите е фактот што во својот арсенал има многу малку буџетски алатки за да ги реши проблемите преку субвенции или даночни олеснувања, како што можат да прават САД.
Европските индустријалци бараат дополнителни стимулации за инвестирање во Европа.
Жан-Франсоа ван Боксмер го посочува како пример американскиот закон за намалување на инфлацијата (ИРА), како тоа да се прави подобро отколку што прави ЕУ.
– Треба да инвестирате пари во инфраструктурни инвестиции што ќе бидат потребни во Европа, пред сè во електрификација – вели Ван Боксмер, кој го критикува европскиот пристап, за кој верува дека е фрагментиран и води кон мерки за гаснење пожари „за мали локални иницијативи на ниво на поединечни членови“.
Сегашниот начин на дозволување на земјите на ЕУ да ги субвенционираат сопствените индустрии со олабавување на правилата за државна помош ги става земјите како Германија во предност пред другите, бидејќи тие имаат многу поголем фискален капацитет од помалите или посиромашните членки.
– Но, ако размислуваме на европско ниво, мислам дека има многу работи што можете да ги направите на таков начин што сите членки имаат корист од тоа. Во спротивно, ќе имате преголеми разлики меѓу економиите со посилни буџети и оние што се финансиски послаби – изјави Ван Боксмер.
Од ЕРТ исто така укажуваат на структурните проблеми во ЕУ и прашуваат дали Унијата треба да го зголеми буџетот за да плати за европските инвестиции или дали процесот на донесување одлуки треба да се олесни, на пример за даночни прашања, за кои во моментов ЕУ може да одлучува само со едногласна согласност на сите земји членки.
Друг начин за зголемување на инвестициите, според ЕРТ, би биле зајакнувањето и интеграцијата на европските пазари на капитал. Европските индустриски компании се залагаат за „длабоко интегриран пазар на каматни стапки“, што може да се воспостави само со отстранување на внатрешните бариери на пазарот на капитал.
Според Валенберг, помалку фрагментиран и поликвиден европски пазар на капитал исто така би довел до поголем претприемачки капитал за инвестиции, што потоа би можело да помогне делумно да се решат проблемите на ЕУ во областа на иновациите и растот.
Пред европските избори следната година, ЕРТ планира да излезе со дополнителни, подетални планови за зајакнување на европската конкурентност.
Во исто време поранешниот италијански премиер Енрико Лета доби задача да подготви извештај за иднината на единствениот пазар за март 2024 година, додека Марио Драги, поранешниот претседател на Европската централна банка, подготвува извештај за конкурентноста на ЕУ за јуни 2024 година, обидувајќи се да ги постави темелите за следната програма на комисијата.
Подготвил: Митко Јовановски