„Нешнал интерест“
Целите на САД денес не се ни малку поодредени и појасни отколку што беа на почетокот на војната во Украина, пишува „Нешнал интерест“.
Само неколку дена по рускиот напад на Украина во февруари 2022 година, државниот потсекретар за политички прашања на Стејт департментот, Викторија Нуланд, изјави дека цел на САД во однос на воениот конфликт е „стратешкиот пораз“ на Русија на Владимир Путин.
-Јасно е дека Русија ќе го загуби овој конфликт. … Тоа е само прашање на време – рече таа еден месец подоцна.
Пред една година во Давос, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен го вклучи гласот на Европа во американскиот хор.
-Агресијата на Путин мора да биде стратешки неуспех – рече таа.
Сето тоа е добро и навистина треба да се очекува, кога пушките ќе почнат да пукнат, лидерите да настојуваат да ги соберат своите трупи за остварување на каузата. Сетете се на познатата изјава на Џорџ В. Буш (иако беше преуранета) за „завршена мисија“ многу пред започнувањето на решавачкиот судир во Ирак.
Но, кога ќе започне вистинската работа на водење војна, претседателот Џо Бајден и јавноста – чија поддршка тој бара- мора, со збор, но и со дело, да одговорат на прашањето: „Што навистина значи таквата гласна реторика? Како ќе знаеме кога сме стигнале до толку возвишена и експанзивна цел како што е стратешки пораз на Русија?“
Путин обрнува многу внимание на изјавите што доаѓаат од Вашингтон. Тој не може да си дозволи да има илузии за целта на Вашингтон или да ги отфрли неговите намери како хипербола.
-Целта на Западот е да ѝ нанесе стратешки пораз на Русија. Да не докрајчат. Токму така ние го разбираме сето тоа. Се работи за постоењето на нашата држава. Но, тие не можат да не разберат дека е невозможно да се победи Русија на бојното поле – рече тој.
Политичките елити на Вашингтон и пошироката јавност станаа „празни“ стратези. Тие претпочитаат да се фокусираат на едноставни и често површни пресметки за да ја утврдат насоката на конфликтот – од типот: колку тенкови и артилериски гранати испраќа Вашингтон во Украина – избегнувајќи ги позначајните прашања што ги покрена посветеноста на Вашингтон за пропаст на Путин.
Навистина, со објавувањето на таква голема и недвосмислена цел – затоа што тоа е она што го бара ветувањето за постигнување на рускиот „стратешки пораз“ – администрацијата на Бајден ризикува да дојде до политички дебакл што не е многу поразличен од познатата декларација на Барак Обама дека „сирискиот Асад мора да си оди“. Таа политика сега влезе во својот последен чин во Сирија, во кој претседателот Башар Асад штотуку беше безусловно примен во Арапската лига.
Повикот на Обама за промена на режимот во Сирија, и покрај сите негови сè поочигледни грешки, барем беше кристално јасен.
Спротивно на тоа, по една година војна во Европа, Вашингтон, иако тврди дека Путин ги „намалува своите краткорочни амбиции“ во Украина, признава дека шансата за руски отстапки на која било преговарачка маса оваа година „ќе биде мала”.
Очигледно, администрацијата на Бајден не е ни чекор поблиску до дефинирање на степенот до кој реално е стасано во борбата за оставрување на стратешката цел – пораз на Путин во Украина.
Додека дипломатите зборуваат, месеците војна се одолговлекуваат во битки, кои повеќе потсетуваат на статичните борбени линии од Првата светска војна, отколку на шокот и стравопочитта од инвазијата на Вашингтон во Ирак.
Европската крвава историја советува дека обложувањето против руската армија е опасен и скап облог. Да се командува со стратешки пораз на кој било непријател, а камоли на Русија со нуклеарно оружје, не е лесна задача. Неодамнешната историја нуди неколку примери за ваквиот тип на победа – скорешното протерување на западните сили од страна на Талибанците, триумфот на Израел во јуни 1967 година, можеби дури и операцијата на Буш „Пустински штит“ – но дури и овие воени достигнувања се покажаа краткотрајни или нецелосни.
Посветеноста на Вашингтон за стратешкиот пораз на Путин (или на Русија?) има за цел да ја направи Русија неспособна да ги постигне дури и најскромните воени цели во Украина, како и да ги ослабне суверените способности на Москва да се спротивстави на проширувањето на НАТО. Настаните од изминатата година барем јасно ставија до знаење дека посветеноста на Вашингтон за стратешкиот пораз на Русија не беше поткрепена со американска гаранција за „победа“ на Украина, без оглед на тоа како таа ќе се дефинира.
Подготви: Валбурга Батева Николоска