Поттикнати од руско-украинскиот воен судир, Финска и Шведска се пријавија минатиот месец за влез во НАТО, очекувајќи брз и непречен влез во Алијансата. Наместо тоа, тие се во ќор-сокак, нивниот пат е блокиран од Турција. Како ја анализира оваа состојба угледниот „Њујорк тајмс“? Редакцијата на медиумот во еден интересен текст се обидува да дојде до суштината на проблемот и да најде одговор на
прашањето што всушност бара Турција за да ги пушти Финска и Шведска во НАТО…
(Не)можното проширување на Алијансата со двете скандинавски земји?!
Со приближувањето на почетокот на годишниот самит на НАТО, на 29 јуни во Мадрид, очекувањата на Шведска и Финска да бидат примени во НАТО како апликанти на брза патека, брзо бледнеат, откако Ердоган отстапи од претходните ветувања дека нема да им поставува пречки на патот. Ибрахим Калин, главниот портпарол за надворешна политика на Ердоган, вели дека нема распоред за нивно прифаќање, па дури и зборуваше за одложување од една година.
Финска е особено фрустрирана, ако се има предвид нејзината граница од 830 милји (околу 1.300 километри н.з.) со Русија. По инвазијата на 24 февруари, Финска започна брзо да ја подготвува својата апликација, а финските дипломати, според министерот за надворешни работи Пека Хаависто, однапред се консултирале со сите 30 членки на НАТО и добиле брзо зелено светло од сите нив.
Тоа вклучуваше уверување од самиот Ердоган – рече претседателот на Финска, Саули Ниинисто.
НАТО беше толку уверено дека поканата за двете земји ќе помине без проблеми, што координира низа настани околу гласањето за прифаќање на апликациите во мај, што Алијансата мораше да го откаже кога Турција одеднаш се спротивстави.
Ердоган постави голем број барања, како што се прашањето за курдскиот сепаратизам и тероризам и екстрадиција на некои следбеници на прогонетиот опозициски водач Фетула Ѓулен. Ердоган го обвинува Ѓулен, кој живее во САД, за неуспешниот обид за државен удар против него во 2016 година.
Турција сака и Финска и Шведска да ги зајакнат своите антитерористички закони; да екстрадира одредени луѓе, вклучувајќи и голем број курдски новинари; и да се елиминира неформалното ембарго за продажба на оружје на Турција, воведено по воената интервенција на Турција во северна Сирија во 2019 година.
– Истото терористичко законодавство е речиси во сите земји на НАТО. И сите ја осудуваме ПКК (Курдска работничка партија). Значи, чувствуваме дека притисокот е исто така не толку голем врз Финска и Шведска, туку и врз некои други земји од НАТО по ова прашање – рече Хаависто.
ПКК е Работничката партија на Курдистан, група што дејствува во Турција и Ирак, која Европската Унија и Соединетите Американски Држави ја означија како терористичка организација.
По неколкуте неуспешни средби на фински и турски претставници под покровителство на НАТО, резултатите беа минимални.
– Не се гледаме себеси ограничени со ниту еден распоред. Брзината, опсегот на овој процес зависи од начинот и брзината на овие нации на исполнување на нашите очекувања – изјави Калин.
Повеќето од турските барања се поврзани со Шведска и нејзината долгогодишна симпатија кон курдските бегалци и курдската желба за автономија, која Турција ја смета за закана за нејзиниот сопствен суверенитет. Додека Западот ја осудува ПКК, тој истовремено во голема мера се потпира на разгранок на сириските Курди во борбата против Исламската држава. И турските курдски лидери одамна ги напуштија разговорите за независност за да се концентрираат на автономија и зголемени права за турските Курди.
Турскиот претседател Ердоган го очекуваат избори следниот јуни, а неговата популарност се намалува заедно со турската економија. Курдското прашање е важно во Турција и тој сега си поигрува со националистичките чувства, додека ги потиснува политичкото несогласување и независното новинарство, се наведува во анализата.
Во интервју за шведската телевизија, поранешната функционерка на НАТО, Стефани Бабет, рече дека вистинската агенда на Ердоган е домашна.
– Првенствено ова е порака до неговата изборна база дома. Нему му претстојат избори. Економската ситуација во Турција е многу ужасна и затоа сака да демонстрира лидерство. Тој сака да покаже дека е слушнат лидер и затоа, се плашам да кажам, ги користи Шведска и Финска за да ги пренесе своите стратегиски пораки – нагласува Бабет.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, беше внимателен јавно да каже дека секоја членка на НАТО има право да ја изрази својата загриженост, дека загриженоста за турскиот тероризам е „легитимна“ и дека мора да се слушне и да се одговори, но дека е уверен дека Финска и Шведска ќе станат членки, дури и ако не до самитот во Мадрид.
Министерот за надворешни работи на Финска, Пека Хаависто, искажува трпение и подготвеност да се смири загриженоста на Турција, исто така забележува дека Ердоган ги нервира своите сојузници во време на војна, кога безбедноста на Европа е доведена во прашање.
Морам да кажам дека притисокот се зголемува меѓу другите ЕУ-членки, или други земји-членки на НАТО, дека би сакале овој процес да се одвива непречено или брзо – рече тој.
Шпекулациите дека би можело да има едногодишно одложување по турските избори и други би било големо разочарување и за многу земји од НАТО, а камоли за Финска и Шведска.
Постои фрустрација меѓу Финците, но таа е помалку насочена кон нивните лидери отколку кон Турција. Постои чувство дека ова требаше да биде лесно и затоа има фрустрација, тоа дефинитивно е видливо. Луѓето разбираат дека Турција одигра двојна игра – рече Чарли Салониус-Пастернак од Финскиот институт за меѓународни односи.
Исто така, има одредена иритација и во Шведска, каде што малцинската социјалдемократска влада бавно го следеше водството на Финска и е претпазлива да не ги навреди своите поддржувачи пред изборите во септември со тоа што ќе попушти пред турските барања. Членовите на партијата имаат долга историја на поддршка на воена неврзаност и неуспешни политички движења, а многумина го сметаат Ердоган како „авторитарец што ги гази демократските права“.
– Во Финска имаше очекување дека Шведска може да ги остави настрана партиските политички прашања и претстојните избори за национална безбедност. Сосема е јасно дека партиската политика се врати – вели Салониус-Пастернак.
Некои во Финска се плашат дека одењето „рака под рака“ со Шведска ќе излезе контрапродуктивно – рече тој.
Но Ниинисто и Хаависто и двајцата го отфрлаат тој став, наведувајќи го долгиот безбедносен сојуз меѓу двете земји и нивната важност за зајакнување на безбедноста на НАТО на север и на Балтичко Море.
Соединетите Американски Држави јавно го поддржуваат членството на Шведска и Финска. Законодавните тела на сите земји на НАТО мора да ги ратификуваат амандманите на основачкиот договор за прием на нови членки, процес што може да потрае и до една година.
Финска и Шведска добиле цврсти гаранции дека поединечни земји на НАТО ќе им помогнат во меѓувреме, доколку е потребно, вклучувајќи ги САД, Франција, Велика Британија и Германија.
– Значи, се чувствуваме безбедно. Дури и во овој момент нема непосреден ризик за нашата безбедност – е ставот на Пека Хаависто.
Подготвил: Митко Јовановски