Вистинска бомба во јавноста предизвика прилогот на весникот „Паис“, кој го објави целиот текст на тајниот одговор од САД и од НАТО на руските предлози за безбедносни гаранции
Шпански весник објави дoговор на САД и на НАТО co Русија, кој требаше да биде врвна тајна
Изминативе денови во јавноста се објавуваа мали фрагменти од документите од тајната преписка меѓу САД и НАТО од една страна и Русија од друга, кои се однесуваат на руските предлози за т.н. безбедносни гаранции. Но овој пат, вистинска бомба предизвика шпанскиот весник „Паис“, кој ја објави целосната документација во врска со овој случај. Имено, во објавените документи е „одговорот на Алијансата на четири страници“, како и „одговорот на Вашингтон на пет страници“ за безбедносни прашања од заеднички интерес, дека САД ќе се воздржат од распоредување нуклеарно оружје во Источна Европа.
САД се подготвени за потпишување документ со Русија за безбедносни прашања од заеднички интерес
Од документите произлегува дека САД се подготвени да разговараат со Русија за меѓусебните обврски за ограничување на распоредувањето на офанзивните ракетни системи и сили во Украина. Во нив се наведува и дека САД се подготвени да ја разгледаат можноста за потпишување документ со Русија за безбедносни прашања од заеднички интерес. Соединетите Американски Држави и НАТО дополнително изјавиле дека ќе се воздржат од распоредување нуклеарно оружје во Источна Европа. Исто така, се наведува дека понатамошната руска концентрација на воени сили или агресија врз Украина ќе доведе до слични чекори на САД и нивните сојузници за „зајакнување на своите одбранбени позиции“. Се забележува и дека во моментов САД и НАТО, реагирајќи на дејствијата на Русија, дејствуваат со „ограничена“ моќ и „пропорционално“.
„Продолживме да се воздржуваме од натамошно трајно распоредување на значителни борбени сили, како и од распоредување нуклеарно оружје во источноевропските земји“, се додава во документот.
Според документот, САД изразиле подготвеност да разговараат дури и за оние прашања за кои повеќепати имаат потенцирано дека не се согласуваат со Русија. Во тие рамки, САД и НАТО ѝ предложија на Русија дијалог за контрола на вооружувањето и мерки за спречување инциденти во замена за деескалација во Украина и повлекување на руските војници и мировници од Крим, Придњестровје, Јужна Осетија и Абхазија.
„Русија ги повлекува сите војници од Украина (НАТО мисли на Крим, кој го смета за украинска територија), Молдавија (Придњестровје), Грузија (Јужна Осетија и Абхазија), каде што нејзините војници се присутни без согласност на лидерите на овие земји“, се нагласува во документот.
Алијансата исто така ја повикува Русија итно да ја деескалира ситуацијата во Украина. Наместо тоа, НАТО и Соединетите Американски Држави предлагаат да се започне „значаен дијалог“ за контрола на вооружувањето, вклучувајќи и за ракетите, за спречување воени инциденти и следење на воените вежби. САД се подготвени да разговараат со Русија за механизам што ќе овозможи потврда за нераспоредување на крстосувачките ракети „томахавк“ во Романија и во Полска.
Соединетите Американски Држави се подготвени да се консултираат и, каде што е потребно, со согласност на сојузниците, да разговараат за механизмот на транспарентност за да се потврди отсуството на крстосувачки ракети „томахавк“ во објектите за противракетна одбрана во Романија и во Полска, под услов Русија да предложи слични мерки за транспарентност за „две ракетни бази во Русија по избор на САД“, се вели во документот. САД се подготвени да започнат дијалог со Русија за контрола на вооружувањето во областа на ракетите со среден и краток дострел, се додава во објавениот текст. Соединетите Американски Држави, исто така, предлагаат веднаш да се разгледа договор со кој ќе се замени СТАРТ 3.
НАТО не сака конфронтации со Русија
Во одговорот на НАТО се наведува дека Алијансата не сака конфронтации со Русија, но дека нема да има компромис кога станува збор за принципиелни прашања.
„НАТО не сака конфронтации, но не можеме и нема да правиме компромиси кога станува збор за принципите на кои се засноваат нашата алијанса и безбедноста во Европа и во Северна Америка“, се вели во документот објавен во „Паис“. Според шпанскиот дневен весник, САД се подготвени да разговараат со Русија за прашањето на неделивост на безбедноста и неговото толкување. Исто така, Вашингтон е подготвен да соработува со Русија во рамките на Советот, Русија – НАТО, но сепак останува цврсто да ја поддржува политиката на „отворени врати“ на Алијансата. САД изразија подготвеност да разгледаат дополнителни мерки, со цел да се спречат инциденти со Русија на море и во воздух, како и да се разгледа можноста за потпишување документ со Москва за безбедносни прашања од заеднички интерес.
„Ние (САД) сме подготвени да разгледаме договор или спогодба со Русија за билатерални прашања, вклучувајќи и пишани и потпишани инструменти, со цел да ги отстраниме нашите безбедносни грижи“, пишува весникот. САД се подготвени да разговараат за мерките за градење доверба со Русија за време на воените вежби во Европа.
„САД се подготвени да разгледаат мерки за зајакнување на довербата во копнените воени вежби во Европа“, се вели во документот. Безбедноста во Европа наложува повторно воспоставување на контактите Русија – НАТО.
Едно од барањата на НАТО е Русија да се воздржи од тестирање антисателитско оружје, а Алијансата предлага и повторно да почне да ги исполнува обврските од Договорот за конвенционални сили во Европа.
Во исто време, Путин вчера рече дека одговорите на САД и НАТО ја игнорираат основната загриженост на Русија. На 17 декември 2021 година, Министерството за надворешни работи на Русија објави нацрт-договор со САД за безбедносни гаранции, како и договори за мерки за обезбедување на безбедноста на Русија и земјите-членки на Северноатлантската алијанса. Документот, меѓу другото, вклучува одредби за нераспоредување ракети со среден и краток дострел во меѓусебен дострел, откажување од натамошното проширување на НАТО на сметка на поранешните советски републики и намалување на бројот на воените вежби.
На 10 јануари, во Женева, се одржаа консултации за овие прашања, на 12 јануари, во Брисел, се одржа состанок на Советот, Русија – НАТО, а на 13 јануари, во Виена, се одржа состанок на Постојаниот совет на ОБСЕ.
САД и НАТО во средата ѝ дадоа на Русија одговори на предлозите за безбедносни гаранции. Но она што фрла дополнително светло на целиот овој случај е фактот дека американската страна побарала да не се објавуваат одредбите од одговорот даден на Русија, а Москва се согласила со ова барање. Сепак, како што истакнал рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, содржината на американските предлози наскоро ќе ѝ стане позната на пошироката јавност, бидејќи за нив разговарале со сите сојузници на Вашингтон во НАТО и во Киев. Како што и претпостави Лавров, не мина многу време, а јавноста ги има документите на увид. Засега останува нејасно од каде „протекле“.