Неколку дена по пристигнувањето во украинскиот главен град Киев со цел да снима документарен филм за оружениот конфликт, холивудскиот актер и режисер Шон Пен се најде меѓу илјадниците бегалци кои бегаат во Полска, придружувајќи им се пеш, објави „Ројтерс“.
Пен (61) во понеделникот објави фотографија на својот твитер-профил на која се гледа како носи ранец и багаж на тркала, додека се движи по патот покрај колона автомобили што се протега во далечината.
– Јас и двајцата колеги пешачевме со милји до полската граница откако го оставивме нашиот автомобил покрај патот. Речиси сите автомобили на оваа фотографија носат само жени и деца, повеќето без никаков багаж, автомобилот им е единствената вредност – пишува Пен во описот на фотографијата.
Твитот не објаснува зошто актерот оскаровец и неговите придружници биле принудени да го напуштат своето возило.
Неговата портпаролка во Лос Анџелес, Мери Буксбаум, во вторникот преку е-пошта изјави за „Ројтерс“ дека Пен безбедно успеал да излезе од Украина. Таа одби да одговори на други прашања за тоа каде се наоѓа или околностите на неговото заминување од Украина.