Северна Кореја ќе испрати илјадници работници да помогнат во обновата на рускиот регион Курск, кој е разорен од војната – изјави генералниот секретар на Советот за безбедност на Русија.
Сергеј Шојгу, кој вчера се сретна со Ким Џонг-ун во Пјонгјанг, рече дека овој потег е „братска помош“ – објавија руските државни медиуми.
Со месеци се шират шпекулации за продлабочување на воената соработка меѓу двете земји, со извештаи дека илјадници севернокорејски војници ѝ помагаат на Русија во нејзината војна против Украина – објави „Ксинхуа“, повикувајќи се на „Би-би-си“.
Руската новинска агенција „ТАСС“ денес го цитираше Шојгу дека Северна Кореја ќе испрати „дивизија градежни работници, две воени бригади од 5.000 војници и дополнителни 1.000 деминери“ за обнова на регионот Курск.
– Ова е братска помош од корејскиот народ и лидерот Ким Џонг-ун за нашата земја – рече Шојгу, цитиран од „АФП“.
Севернокорејските државни медиуми додадоа дека Ким и Шојгу разговарале и за други долгорочни планови, без да дадат детали.
Службеник на јужнокорејското Министерство за надворешни работи изјави, дека се „сериозно загрижени за продолжувањето на нелегалната соработка меѓу Северна Кореја и Русија“, нагласувајќи дека ова е кршење на санкциите на ОН.
– Сериозно сме загрижени за овие случувања бидејќи тие ја влошуваат ситуацијата во Украина и влијаат на безбедносната средина во регионот околу Јапонија – изјави денеска главниот секретар на јапонскиот кабинет, Јошимаса Хајаши.
Русија потпиша договор за меѓусебна одбрана со Северна Кореја во ноември минатата година. Во тоа време, двете земји изјавија дека ќе си пружат помош една на друга во случај на „агресија“ против која било од нив, а Ким рече дека ова ја подигнало нивната соработка на „ново ниво на сојуз“.