Фото: Рафаел Гроси-фејсбук

Генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси го информирал израелскиот претседател Јицак Херцог дека иранскиот нуклеарен објект во Натанз претрпел „сериозна штета“ во израелските напади врз Иран, изјави портпаролот на Херцог, цитиран од ДПА.

Според портпаролот на израелската војска, Израел нападнал повеќе од 100 локации во Иран со околу 200 борбени авиони. Операцијата вклучувала напади врз објекти поврзани со нуклеарната енергетика и биле убиени високи воени команданти и научници.

Меѓу целите била и фабриката за збогатување ураниум во Натанз, која се наоѓа северно од градот Исфахан, потврди претходно МААЕ.

Иранските нуклеарни власти соопштија дека нападот врз објектот во Натанз не резултирал со радиоактивна контаминација или истекување хемикалии.