Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг денеска ги повика земјите-членки да го забрзаат зголемувањето на трошоците за одбрана, бидејќи новите бројки покажуваат дека помалку од една четвртина од нив ја исполнуваат целта на Алијансата.

Столтенберг рече дека рускиот напад врз Украина минатата година покажал оти светот станал понебезбеден и дека сојузниците на НАТО мораат да одговорат со поставување и исполнување на поамбициозни воени цели, пренесува „Ројтерс“.

Седум од 30-те земји на Алијансата ја исполнија сегашната цел да потрошат два отсто од БДП за одбрана во 2022 година, еден помалку отколку во 2021 година, пред војната во Украина, според проценките во годишниот извештај на генералниот секретар на НАТО, објавен денеска. Столтенберг рече дека се очекува уште две членки да ја исполнат целта.

Членките на НАТО постојано ги зголемуваат трошоците за одбрана откако руските сили го анектираа Крим и влегоа во Донбас во источна Украина во 2014 година, но Столтенберг рече дека војната ја истакнала потребата да се вложува повеќе.

– Нема сомнеж дека треба да направиме повеќе и да го направиме тоа побрзо. Сегашното темпо на зголемување на трошоците за одбрана не е доволно високо. Мојата порака до сојузниците е дека го поздравуваме она што го направија, но тие мора да забрзаат, мора да направат повеќе во овој поопасен свет – изјави тој за новинарите во седиштето на НАТО во Брисел.

На самитот во Велс во 2014 година, лидерите на НАТО се согласија за целта да потрошат најмалку два отсто од својот БДП за одбрана во рок од една деценија.

Извештајот на Столтенберг за 2022 година покажа дека Грција, САД, Литванија, Полска, Велика Британија, Естонија и Летонија ја исполниле таа цел.

Вкупните трошоци на сојузниците на НАТО за одбрана се зголемени за 2,2 отсто во споредба со претходната година.

Се очекува лидерите на НАТО да договорат нова цел на самитот во Вилнус, Литванија, во јули, при што Столтенберг рече дека двата процента од БДП сега треба да се гледаат како минимум, а членките имаат за цел да се движат побрзо за да достигнат повисоки нивоа.

Бројките во извештајот на Столтенберг покажуваат дека Хрватска и Франција се најблиску до исполнување на целта од два процента, при што секоја потрошила околу 1,9 отсто од БДП за одбрана.

Назад се Белгија, Шпанија и Луксембург, чии трошоци за одбрана беа под 1,2 отсто од БДП, според „Ројтерс“.