Покривот на меѓународниот аеродром „Индира Ганди“ во индиската престолнина Њу Делхи се урна денес по силен дожд и ветрови. Едно лице загина, а летовите се откажани – објавија официјални лица.
– Целиот терминал, еден од трите на најпрометниот аеродром во земјата, е евакуиран и наредена е истрага за колапсот. Неколку лица се повредени – изјави индискиот министер за авијација Кинјарапу Рамохан Наиду.
Педесет домашни летови се откажани или одложени, според платформата за следење летови Flightradar24.
– Осуммина повредени се пренесени во болница – изјави Атул Гарг, директор на противпожарната служба во Делхи.
Околу 148,5 милиметри дожд паднаа во областа на аеродромот во текот на три часа, што е повеќе од просекот за цел јуни, според Индискиот метеоролошки завод.
Многу други делови на Њу Делхи исто така беа поплавени, а автомобили беа заглавени во водата висока околу еден метар.