Милијардерот Илон Маск испрати сигнали дека планира да го реализира договорот за преземање на компанијата „Твитер“ преку објавена видеоснимка на која е прикажано како тој влегува во седиштето на „Твитер“ во Сан Франциско носејќи порцелански мијалник. Но, истовремено покрена нови шпекулации за иднината на компанијата, бидејќи неговата намера не е потполно јасна, пренесуваат светските медиуми.
Извршниот директор на „Тесла“ и „Спејс екс“ во прилог на видеото ја објави фразата „Let that sink in!“, со која се смета дека упати симболична порака оти неговото влегување во седиштето на „Твитер“ треба да биде сфатено сериозно. Во бизнис-терминологијата, пак, оваа порака може да се однесува и на коренити промени во одредена компанија.
Entering Twitter HQ – let that sink in! pic.twitter.com/D68z4K2wq7
— Elon Musk (@elonmusk) October 26, 2022
Милијардерот претходно истакна дека се потребни значителни промени на „Твитер“, а се појавија и информации оти планира намалување на бројот на вработени во компанијата.
Во биографијата на својот налог тој наведе дека е „главен твит“ (Chief Twit) и кажа дека ќе се обрати на вработените на Твитер утре, кога истекува крајниот рок да го приврши преземањето на „Твитер“. Во спротивно би се соочил со судскиот процес кој треба да продолжи во Делавер.
Портпарол на Твитер за „Ју-ес-еј тудеј“ потврди дека Маск неделава бил во седиштето на компанијата.
Милијардерот во април се договори да ја купи социјалната мрежа за 44 милијарди долари, а потоа објави дека се повлекува од зделката, жалејќи се дека Твитер му дал погрешен број лажни налози на платформата.