Идниот премиер на Израел, Бенјамин Нетанјаху, во четврток пред Парламентот (Кнесетот) ќе ја претстави својата нова влада, најави денеска претседателот на Парламентот Јарив Левин, објави МИА.
Како што е наведено, за составот на новата влада ќе се гласа во 11 часот по локално време (10 часот по средноевропско време) на посебна седница на Кнесетот.
Нетанјаху, лидерот на конзервативната Ликуд, кој веќе беше премиер со најдолг стаж во историјата на Израел, минатата среда објави дека ќе може да формира нова влада со своите сојузници од ултрадесничарските и ултраортодоксните еврејски партии.
Ликуд на Нетанјаху и овие партии победија на парламентарните избори одржани на 1 ноември, а рокот за постигнување договор за новата влада е 11 декември.
Бидејќи Нетанјаху не можеше да го стори тоа во предвидените 28 дена, тој побара продолжување за две недели, предвидено со израелскиот закон.
Претседателот на Израел Исак Херцог му даде 10 дена да ја заврши задачата. Се очекува новата влада да биде најдесничарската во историјата на Израел, иако нејзиниот состав не е конечен.