Услугите на „Старлинк“ сега се активни во Украина. Повеќе терминали пристигнуваат. Вака Илон Маск го најави снабдувањето на Украина со сателитски чинии од неговата компанија „Спејс екс“, преку Твитер на 26 февруари, пишува „Форин полиси“, нагласувајќи дека геополитиката ретко е под толку големо влијание на бизнисот, како во овој случај.
Оружениот конфликт во Украина ја тестира репутацијата на Илон Маск
За погодената од војна Украина, „Старлинк“ стана витално средство за информирање, одржувајќи ги, на пример, болниците поврзани со интернет, додека служи и како врска за вооружените дронови што ги користи украинската армија. Украинското разузнавање ја користи технологијата на „Старлинк“ за директно поврзување на дроновите што ги целат руските сили. Киев исто така ги направи терминалите достапни за училиштата, противпожарната служба и за локалните власти. Според украинското министерство за здравје, 590 болници и клиники примиле терминали на „Старлинк“ од крајот на март, за да останат поврзани со интернет во текот на воените дејствија.
Украинскиот заменик-премиер и министер за дигитална трансформација, Микаило Федоров, соопшти дека моментно има повеќе од 10.000 функционални терминали на „Старлинк“ во Украина. Сателитските чинии што го добиваат приемот на технологијата „Старлинк“ се мали и лесно подвижни за да избегнат откривање и можен напад.
Зеленски му се заблагодари на Маск за помошта и сателитската поддршка со „Старлинк“
– „Старлинк“ го менува текот на војната во полза на Украина. Русија направи напор за да ги уништи нашите средства за комуникација, но сега не можат да го сторат тоа. „Старлинк“ функционира и под стрелба на ракетите „катјуша“, под артилериски оган. Функционира дури и во Мариупол – тврди припадник на украинската армија во изјава за „Форин полиси“.
Директорот за електронско војување во кабинетот на американскиот секретар за одбрана, Дејв Темпер, наведува дека технологијата на „Старлинк“ останала отпорна на руските контрамерки со унапредување на софтверот.
Влијанието на технологијата во рамките на која спаѓаат сателитите „Старлинк“ досегнува подалеку од пружањето на интернет на воените зони и подрачјата погодени од природни непогоди, заклучува американскиот магазин посочувајќи дека со неа пристап до интернет добиваат и руралните недостапни подрачја.