Фото: ЕПА

Во Советот за безбедност (СБ) на Обединетите нации (ОН) блокирана Резолуцијата за примирје во Газа

САД ја блокираа нацрт-резолуцијата на Советот за безбедност на ОН со која се повикува на итно, безусловно и трајно примирје во Газа меѓу Израел и палестинската милитантна група Хамас и на непречена дистрибуција на хуманитарна помош низ целата енклава.
– Ставот на Соединетите Американски Држави е јасен, не можеме да поддржиме никакви мерки освен ако тие не го осудат Хамас и не го повикаат да се разоружа и да ја напушти Газа – изјави вршителката на должноста амбасадор на САД во ОН, Дороти Шеа, пред гласањето.
– Носењето на оваа резолуција би го охрабрила Хамас и би ги поткопала дипломатските напори за постигнување прекин на огнот што би ја почитувал фактичката состојба на теренот – рече таа за документот предложен од 15-члениот Совет за безбедност.

За издвојување е дека другите 14 земји на СБ гласаа за усвојување на нацрт-резолуцијата. Но САД како една од петте постојани членки на советот имаат право на вето и затоа резолуцијата не беше усвоена.

И Израел ги отфрли барањата за безусловно и трајно примирје.
Пред гласањето во Советот за безбедност (СБ), главниот официјален претставник на ОН за хуманитарна помош, Том Флечер, уште еднаш апелираше да им се дозволи на хуманитарните организации да дистрибуираат пакети до жителите на Газа, нагласувајќи дека тие имаат план, резерви и искуство во слични ситуации.
– Отстранете ги ограничувањата за тоа каква и колку помош можеме да донесеме. Осигурете се дека нашите конвои нема да бидат запрени – изјави Флечер.
ОН долго време му забележуваа на Израел за попречување на испораката и дистрибуцијата на хуманитарна помош во воената зона. Од друга страна, Израел возвраќа дека Хамас краде пакети со хуманитарна помош. Р.С.