Фото: Твитер/Министерство за одбрана на Украина

САД ќе објават нов пакет воена помош за Украина во следните неколку недели. Ова го потврди Џејк Саливан, советник за национална безбедност на американскиот претседател Џо Бајден.

– Остануваме непоколебливи во испраќањето безбедносна помош во Украина. Неодамна објавивме еден пакет воена помош, а во следните неколку недели ќе оди уште еден. Тоа ќе биде пакет со слична големина и вредност како она што го испраќавме во изминатите недели и месеци – изјави Саливан.

Америка испрати убедливо најмногу воена помош за Украина од сите сојузници.

Пентагон завчера соопшти дополнителна воена помош за Украина во вредност од 400 милиони долари, која опфаќа ракети „стингер“, ракети „Хок“ и амуниција за „ХИМАРС“, како и возила и друга муниција. Од доаѓањето на администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден, САД се обврзаа за испраќање на вкупна воена помош на Украина во вредност преку 19,3 милијарди долари.