Американскиот претседател Џо Бајден им порача денеска на азиските лидери дека американските комуникациски линии со Кина ќе останат отворени за да се спречи конфликт.
За време на своето обраќање на источноазискиот самит во Камбоџа, Бајден рече дека САД енергично ќе се натпреваруваат со Пекинг, истовремено обезбедувајќи конкуренцијата да не се претвори во конфликт и ја нагласи важноста на мирот во Тајванскиот Теснец, пренесоа медиумите.
Бајден, исто така, ги повика воените владетели на Мјанмар да го следат мировниот план што го договорија со Асоцијацијата на нации од Југоисточна Азија (АСЕАН), истовремено осудувајќи ги лансирањето на проектили од Северна Кореја и рускиот „брутален и неправеден“ напад врз Украина.
Регионот на Југоисточна Азија, исто така, е домаќин на самитот на Групата 20 (Г20) на индонезискиот остров Бали оваа недела, пред кој Бајден ќе се сретне со својот кинески колега Си Џинпинг за прв пат по преземањето на функцијата, додека односите меѓу двете суперсили никогаш не биле на полошо ниво.
САД, Јапонија и Јужна Кореја ветуваат силен одговор во случај на нуклеарни проби на Пјонгјанг
САД, Јапонија и Јужна Кореја денеска ветија дека ќе имаат „силен и цврст одговор“ во случај Северна Кореја да изврши нуклеарна проба, за што повторно се дискутираше по нејзината рекордна серија тестови на оружје.
Лидерите на трите земји дадоа заедничка изјава по трилатералната средба во Пном Пен, Камбоџа, на маргините на Самитот на Југоисточна Азија.
Американскиот претседател Џо Бајден вети дека ќе го употреби целосниот капацитет, вклучително и нуклеарен, во одбрана на своите сојузници.
Бајден денеска во Камбоџа се сретна со јапонскиот премиер Фумио Кишида и јужнокорејскиот претседател Џун Сук Јеол, за да разговара, меѓу другото, како да се координира одговорот на заканувачките нуклеарни и ракетни програми на Северна Кореја.
Северна Кореја истрела десетици проектили во последниве недели, вклучително и интерконтинентална балистичка ракета пред 10 дена, што предизвика предупредување за евакуација во северниот дел на Јапонија, а сојузниците предупредуваат дека Пјонгјанг би можел да го изврши седмиот нуклеарен тест во следните недели, а прв од 2017 година.