САД, Јапонија и Јужна Кореја денес соопштија дека целосно го активирале системот за откривање и проценка на лансирањето на севернокорејските проектили во реално време и дека почнале да спроведуваат повеќе трилатерални воени вежби.
Соопштението дојде еден ден откако Пјонгјанг тестираше ракета со долг дострел, како одговор на воената активност на Вашингтон и неговите сојузници.
Јужнокорејскиот претседател Јун Сук-Јол најави дека Северна Кореја ќе разбере дека „провокациите“ ќе предизвикаат дополнително страдање на таа земја.
Јун го објави ова еден ден откако Пјонгјанг ја лансираше својата најнова интерконтинентална балистичка ракета (ICBM).
Тој рече дека неговата влада ќе стори сé за да се погрижи народот на Јужна Кореја да живее без да се грижи за нуклеарното оружје на Северна Кореја.
Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун најави „повеќе офанзивни акции“ како одговор на „зголемените воени закани предводени од Вашингтон и по третото тестирање на балистичка ракета од страна на Пјонгјанг, која, според АП, е дизајнирана да го погоди копното на САД“.
Откако вчера го надгледуваше лансирањето на интерконтиненталната балистичка ракета Хвасонг-18, Ким рече дека тестот покажал како Северна Кореја може да одговори доколку САД донесат „погрешна одлука против неа“ – објави денес севернокорејската новинска агенција „КЦНА“.
Ким ја нагласи потребата „никогаш да не се занемаруваат сите непромислени и неодговорни воени закани на непријателот и силно да се спротивставиме со поофанзивни дејства“.
Во извештајот на агенцијата се наведува дека ракетата Хвасонг-18, лансирана под висок агол за да се избегнат соседните земји, прелета на растојание од 1.002 километри, во траење од 73,5 минути, на максимална височина од 6.518 километри, пред да слета во областа на источниот брег на земјата.
Ким изрази „големо задоволство“ од лансирањето, кое беше трето тестирање на Пјонгјанг на ракетата Хвасонг-18, по тестовите извршени во април и јули.
Оваа изјава на Ким сугерира дека тој е уверен во својот растечки ракетен арсенал и веројатно ќе продолжи со активностите за тестирање на оружје пред претседателските избори во САД во 2024 година.
Аналитичарите веруваат дека Северна Кореја сè уште треба да изврши позначајни тестови за да докаже дека има функционални ракети кои можат да стигнат до копното на САД, оценува „Асошиејтед прес“.