Американскиот Стејт департмент ги предупреди американските граѓани ширум светот да ги зголемат своите безбедносни мерки по невидениот напад на Вашингтон врз стратешките ирански нуклеарни локалитети, објави ДПА.
На веб-страницата на Стејт департментот се вели дека постои зголемена закана за граѓаните на земјата, како на американска територија, така и во странство.
-Како резултат на конфликтот меѓу Израел и Иран, има промени во распоредот на воздушниот сообраќај и периодично затворање на воздушниот простор на Блискиот Исток. Постои можност за демонстрации против американските граѓани и интереси во странство. Стејт департментот им советува на американските граѓани ширум светот да ја зголемат својата претпазливост- се вели во предупредувањето.
Министерството за внатрешна безбедност, пак, го вклучи алармот за „ситуација на зголемена закана во Соединетите Држави“.
– Конфликтот со Иран го зголемува ризикот од проирански кибернапади и акти на насилство од страна на екстремисти – тврди одделот.