Министерката за надворешни работи на Германија, Аналена Бербок, изјави денеска во Киев дека САД не смеат да дозволат да бидат заведени од однесувањето на рускиот претседател Владимир Путин, кое таа го нарече „тактика на одложување“.
Бербок пристигна во украинската престолнина на ненајавена посета од безбедносни причини, објави ДПА.
– На претстојниот состанок на министрите за надворешни работи на НАТО ќе испратиме јасна порака дека американската страна не треба да биде вовлечена во тактиката на одложување на Путин – изјави Бербок по пристигнувањето во Киев. Според неа, рускиот лидер само симулира подготвеност за преговори, но „не отстапува ниту милиметар“ од својата позиција, користејќи го времето за да ја продолжи својата „незаконска агресија во Украина“.
– Украина е подготвена веднаш да потпише договор за прекин на огнот. Мораме да дадеме јасни гаранции дека следната германска влада ќе ја продолжи својата значајна поддршка за Украина, нагласи Бербок. Таа истакна дека Германија ѝ доделила дополнителни 130 милиони евра во хуманитарна помош и фондови за стабилизација на Украина како одговор на руските напади – пренесе ДПА.
-Поради застојот во преговорите меѓу САД и Русија, од стратешко значење е ние, Европејците, да покажеме дека стоиме зад Украина без никакви услови и дека повеќе од кога било ја поддржуваме Киев – додаде германската министерка.