„Коалицијата на подготвените“, предводена од Велика Британија и Франција, обединува високи воени офицери од целиот свет за да подготват план за мировни сили во Украина. Франција и Британија се единствените две земји во коалицијата што го задржаа непоколебливо ставот дека ќе бидат подготвени да испратат војници. Натаму, Канада, Австралија, Финска се отворени за да помогнат, а некои земји од западните сојузници и сосема одбиваат да учествуваат со свои сили во Украина
Состанок на „Коалицијата на подготвените“ за испраќање војници во Украина
Британскиот премиер Кир Стармер деновиве изјави дека Коалицијата влегува во својата „оперативна фаза“. Сè уште не е јасно колку точно војници предвидува планот за мировни сили во Украина да бидат испратени на терен, но според упатени извори цитирани во западните медиуми, се тврди дека „ќе има меѓу 10.000 и 30.000 војници“. Според некои од изјавите, тие ќе се фокусираат на заштита на големите градови, пристаништата и основната инфраструктура. Состанокот на воените планери од таканаречената група „Коалиција на подготвените“ на западните земји е втор ваков состанок откако американскиот претседател Доналд Трамп ја изненади Европа со отворањето на разговорите со рускиот претседател Владимир Путин.
На состанокот на „Коалицијата на подготвените“ учествуваат 25 земји
Повеќе од 25 земји се вклучени во состанокот организиран од Лондон, лично или од далечина, кои ќе разговараат за „деталите“ од мировните предлози, не само за мировните сили туку и за тоа како да се синхронизираат оние земји што придонесуваат со војници или воена опрема и друга логистика.
Британскиот премиер Кир Стармер изјави дека разговорите ќе се фокусираат на „воено планирање, воени операции“ за поддршка на Украина. „Овие планови се фокусирани на одржување на безбедноста на небото, морињата и границите на Украина“, изјави Стармер за новинарите. „Сега работиме набрзина бидејќи не знаеме дали ќе има договор, се надевам дека ќе има, но доколку има договор, многу е важно да можеме веднаш да реагираме“, пишуваат западните медиуми, цитирајќи го британскиот премиер.
Анализа на Би-би-си за пречките за оваа идеја
Според освртот на оваа тема на реномираниот британски Би-би-си, сепак е можно „овие мултинационални сили, чие формирање и оперативно дејство се подготвуваат во Нортвуд, всушност никогаш да не бидат распоредени во Украина“, анализира Би-би-си.
– Како прво, сè уште нема прекин на огнот и можеби нема да има во наредните месеци. Списокот на предуслови на претседателот Путин – од кои речиси сите се неприфатливи за Украина и нејзините сојузници – ефикасно го забавува тоа. Тешко е да се замисли оваа сила на подготвени да оди во потенцијална воена зона за да се бори со конфликт – објаснува Френк Гарднер за Би-би-си.
Второ и исклучително значајно, тука е и прашањето за американската воздушна поддршка, која сè уште не е достапна. Неколку земји го условуваа своето учество со блиска воздушна поддршка од САД. Во спротивно, голем е ризикот на испраќањето трупи во сѐ уште воена и исклучително опасна ситуација.
И трето, постои предизвик на создавање/формирање на трупите – задача да се најдат доволно војници и опрема за мисијата.
На пример, аналитичарите истакнуваат дека Британија, која е домаќин на планирањето во градот Нортвуд, во моментов ја има „најмалата армија од времето на Наполеон“. Дури и создавање бригада (меѓу 3.000 и 5.000 војници) би значело нивно дислоцирање од друго место и нивно обврзување на неопределено распоредување, кое, дури и со ротација на секои неколку месеци, би можело да трае со години. Р.С.
Што е „Коалицијата на подготвените“ за воено присуство во Украина и кои земји изразија подготвеност да учествуваат во таа алијанса?
Иницијативата за формирање „Коалиција на подготвените“ доаѓа од Британија, поточно од кабинетот на британскиот премиер Кир Стармер. Оваа иницијатива здушно ја поддржува и Франција. Имено, „Коалицијата на подготвените“ е име за неформална група држави што се подготвени самостојно, надвор од постојните меѓународни рамки, како што се НАТО или ЕУ, да обезбедат различни форми на поддршка за Украина, вклучувајќи воена помош или финансиска поддршка, особено во контекст на можен мировен договор. Засега нешто повеќе од дваесетина земји, претежно од Европа и Комонвелтот, покажаа интерес за приклучување кон т.н. „Коалиција на подготвените“, кои би испратиле воени единици во Украина. Британските власти потврдија дека веќе била одржана прва средба на која се разговарало за „можни безбедносни гаранции за Украина по евентуалниот мировен договор“. Медиумите нагласуваат дека ова е рана фаза на преговори, но овој чекор во Лондон и во Париз го сметаат за „исклучително позитивен“. Официјалниот заменик-портпарол на британскиот премиер рече дека британската влада „јасно ставила до знаење дека е време Европа и Британија да преземат поголема одговорност“ и дека јавноста „сведочи за тоа од ден на ден“.
Миротворци или военотворци?
Филип Перчок, директор на „ИРСЕМ Европа“ (Институт за стратегиски истражувања при Военото училиште), изјави за „Евроњуз“ дека овој предложен концепт за „Коалицијата на подготвените“ за воено присуство во Украина отвора листа на прашања.
– Дали тоа значи испраќање војници во западна Украина, за украинските војници од западна Украина да одат на фронтот? Дали е тоа миротворец? Тоа се две различни работи. Во овој случај мировни сили значи мировници распоредени на првите линии за да спречат борби. Значи, тоа се многу различни работи – истакна Перчок.
Експертите проценуваат дека ќе бидат потребни неколку илјади војници за да се обезбеди веродостојна гаранција за одржување на мирот.
– Да речеме воен кор од 50.000 војници, за да испрати јасна порака до Русија дека ние сме многу сериозни во врска со ова – изјави Свен Бископ од бриселскиот институт „Егмонт“ за „Евроњуз“.
Дури и со јасна дефиниција на концептот, земјите низ Европа изразија различни мислења за тоа дали навистина би биле подготвени да стават чизми на теренот во Украина.
Кои западни сојузници не се согласуваат со предложениот концепт на „Коалицијата на подготвените“ за воено присуство во Украина
Ø Актуелниот германски канцелар Олаф Шолц ја отфрли можноста за испраќање германски војници во Украина, иако неговиот министер за одбрана Борис Писториус навести дека мировниците би можеле да бидат стационирани во демилитаризираната зона во случај на прекин на огнот. Сепак, таквиот став би можел да се промени, дури и ако одлуката за распоредување германски трупи во Украина може да се покаже како тешка продажба за домашната јавност. Германскиот парламент мора прво да одобри какво било распоредување на националната армија во странство (позната како Бундесвер) за да ги одреди деталите – каква ќе биде улогата на војниците, кои други земји ќе бидат вклучени, објасни портпаролот на Шолц, Штефен Хебестрајт, на прес-конференција.
Бидејќи Германија е во процес на формирање нова коалициска влада, гласањето на ваква тема, доколку има, тешко дека ќе се случи наскоро.
Ø Шпанија засега не го прифаќа концептот. Според официјалниот став, таа може да биде вклучена, но во подоцнежна фаза. Шпанскиот министер за надворешни работи Хозе Мануел Албарес увери дека земјата нема „никаков проблем“ со испраќање војници во странство, но во овој момент во Украина „напорите сè уште се првенствено политички и дипломатски“. Се чини дека ова е поддржано од домашното јавно мислење: 81,7 отсто од Шпанците се за испраќање војници како мировници во Украина, според анкетата спроведена од телевизискиот канал Ла Секста.
Ø Италијанската премиерка Џорџа Мелони е меѓу поскептичните лидери.
– Сè уште сум збунета од идејата за употреба на европски трупи. Ова го гледам како решение што ризикува да се покаже многу комплицирано и веројатно помалку одлучувачко од другите – им рече таа на новинарите по состанокот во Лондон, нагласувајќи дека „распоредувањето на италијанските војници никогаш не било на маса во оваа фаза“.
Според нејзиното мислење, најдобрата опција да ѝ се понудат безбедносни гаранции на Украина е некако да се вклучи членот 5 на НАТО за колективна одбрана, кој ги обврзува членките на Алијансата да се заштитат меѓусебно во случај на напад.
Ø И покрај тоа што е меѓу најсилните поддржувачи на Украина, Полска и понатаму цврсто се противи на испраќање војници во Украина. Премиерот Доналд Туск рече дека земјата веќе презела тежок товар со прифаќањето речиси два милиони бегалци од Украина во првите недели од војната. Варшава ќе обезбеди поддршка во однос на логистиката, како и политичка поддршка, но изгледа нема да прати „чизми на земја“.
Ø Иако Португалија го поддржува концептот на Британија и Франција, сепак Лисабон смета дека сѐ уште е рано да се размислува за испраќање војници во Украина како дел од мировната операција.
Ø Холандскиот премиер Дик Шуф рече дека не презел никакви конкретни обврски во име на неговата земја, но исто така даде гаранции дека Холандија ќе им се придружи на француските и британските воени планери во наоѓањето можни решенија.
Ø Унгарија и Словачка се најкритичните земји во однос на воената поддршка на ЕУ за Украина и најмногу се залагаа за отворање дијалог со Русија за ставање крај на војната. Р.С.
Ретерира и Лондон?
Британија ќе испрати војници во Украина само со поддршка од САД
Според последните информации што пристигнаа во дескот на весникот, Британија не сака да распореди воени сили во Украина без безбедносни гаранции и поддршка од САД. Тоа го изјавил британскиот министер за вооружени сили. Министерот за вооружени сили Лук Полард рече дека успешноста на планот на премиерот Кир Стармер за „Коалицијата на подготвените“ за надгледување на мировниот договор меѓу Украина и Русија зависи од степенот на инволвираноста на САД. На прашањето дали британската влада е подготвена да испрати свои војници во Украина доколку Америка се повлече, Полард одговорил дека ништо не оди без американска поддршка. Р.С.
Франција ќе им достави на граѓаните прирачник за преживување во случај на војна
Француската влада планира на сите домаќинства да им испрати прирачник за преживување, со упатства што да прават во случај на оружен конфликт, природна катастрофа или здравствена криза. Иако прирачникот не ја спомнува Русија или војната во Украина, во текот на месецов францускиот претседател Емануел Макрон ја предупреди нацијата за „руската закана“ со која се соочува Европа додека САД постепено се повлекуваат од континентот. Според француските медиуми, во прирачникот за преживување е предвидено да има графички водич со инструкции за тоа што да се спакува за итни случаи: најмалку шест литри амбалажирана вода, конзервирана храна, батерии за полнење, батерии, ламба, фотокопии од документи итн. За потсетување, Германија исто така минатата година спроведе слични мерки. Во 2024 година и нордиските земји почнаа да издаваат слични брошури со совети за граѓаните за постапки во случај на војна. Р.С.