Договорот на Германија и на САД да ѝ испорачаат на Украина извесно количество тенкови ги натера и другите сојузници во Алијансата да се решат на сличен чекор. Досега, членките на НАТО (како поединечни држави) калкулираа околу самостојното испраќање на своите најмодерни тенкови, не сакајќи самите да си го навлечат на себе „гневот на непријателот“. Сега, кога „усогласувањето“ заврши, тие направија синхронизација за еден „колективен пристап“, односно повеќе НАТО-членки одеднаш да испратат најмодерни тенкови и со тоа да покажат дека „Алијансата има и колективен, консензуален, политички, а и унисон воен/одбранбен принцип“, при што одговорноста нема да падне на една земја-членка, туку севкупно на целата алијанса. Но воените аналитичари сметаат дека „токму со ваквиот чекор се прави исчекор“ кон директен судир на НАТО со Русија
Членките на НАТО решија да ѝ ги испорачаат на Украина своите најсовремени тенкови
Владата во Берлин по долго колебање одлучи да ѝ испорача и да им дозволи на други земји да ѝ испорачаат тенкови „леопард 2“ на Украина. Сојузната влада објави дека Германија ќе ја засили воената поддршка за Украина, со тоа што на украинската војска ќе ѝ стави на располагање два баталјона тенкови од типот „леопард 2“. Во Бундесверот еден баталјон се состои од 44 оклопни возила. Два баталјона би значеле 88 тенка, но за почеток треба да бидат испорачани 14 тенка, како што и се најавуваше. Други европски партнери, кои исто така располагаат со овие тенкови, ќе стават на располагање од своите. Обуката на украинската војска треба набрзо да започне во Германија. Покрај обуката, предвидено е Украина да добие и логистичка помош, муниција и одржување на оклопните возила.
Откако Германија одлучи да испрати 14 тенка „леопард“ за Украина, на ваков чекор се решија и САД. Американскиот претседател Џо Бајден на прес-конференција најави дека ќе испратат 31 тенк „абрамс“ што, рече, е еквивалент на еден украинскиот баталјон.
– Министерот за одбрана Лојд Остин го препорача овој чекор бидејќи со тоа ќе ѝ се зајакне капацитетот на Украина да ја брани својата територија и да постигне стратегиски цели – рече Бајден.
Тој кажа дека пред да се донесе одлуката, утрово за поддршка на Украина разговарал со германскиот канцелар Олаф Шолц, францускиот претседател Емануел Макрон, британскиот премиер Риши Сунак и италијанската премиерка Џорџа Мелони.
Тенковите „абрамс“, како што посочи американскиот претседател, се најспособните тенкови во светот, но и исклучително сложени за ракување и одржување.
– На Украина ѝ ги даваме деловите и опремата неопходни за ефикасно одржување на овие тенкови на бојното поле – рече Бајден.
По тенковите, Украина сега бара и авиони
Во првата официјална реакција на одлуката за испорака на тенковите „леопард 2“, Владата на Украина искажа воодушевување. Андриј Јермак, шефот на кабинетот на претседателот Володимир Зеленски, коментираше на Телеграм: „Ќе имаме сè за контраофанзива. Возачите на тенкови ќе бидат среќни, како и артилеријците, а подоцна и пилотите“.
Спомнувајќи ги пилотите, шефот на кабинетот предвиде нова расправа, која неколку минути претходно ја започна министерот за надворешни работи Дмитро Кулеба.
– Сега „Ф-16“? Да! – напиша тој на Фејсбук – очигледно во разговор со неименуван европски колега. Притоа, тој го откри следниот чекор: дека Украина сега сака да се потруди наскоро да добие борбени авиони.
И поранешниот украински амбасадор во Германија, Андриј Мелник, ја поздрави планираната испорака на „леопардите“ и веднаш побара – модерни борбени авиони.
– Драги сојузници, ајде да изградиме силна коалиција на борбени авиони за Украина, со „Ф-16“ и „Ф-35“, „еурофајтери“ и „торнада“, „рафали“ и „грипени“ – и сѐ друго можете да испорачате во Украина – побара Мелник, кој сега е заменик-министер за надворешни работи на Украина.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој последен реагираше на извештаите за испорака на тенковите, беше повоздржан.
– Многу труд, зборови, ветувања. Поважно е да се согледа реалноста. Не станува збор за пет, десет или петнаесет тенка. Потребата е многу поголема. Му благодарам на секој од вас што нѐ поддржува во ова. Дискусиите за испорака на тенкови сега мора да доведат до одлуки што навистина ја зајакнуваат нашата одбрана од терористите. Сојузниците на Украина го имаат потребниот број тенкови – рече тој во своето редовно видеообраќање.
Во најава дополнителни донации
Деновиве и Комисијата за безбедносна политика на Швајцарскиот национален совет официјално предложи да се дозволи трансфер на швајцарски системи за оружување од други земји во Украина. Препораката беше одобрена со 14 гласови „за“ и 11 гласа „против“ и сега е потребно одобрение од парламентот.
Повикувајќи се на својата неутралност, Швајцарија досега ги одбиваше барањата на Германија за испорака на муниција од швајцарско производство за Украина.
Истовремено и Полска официјално побара дозвола од германската влада за испорака на тенковите „леопард 2“. Полскиот министер за одбрана, Мариуш Блшчак, го потврди официјално поставеното барање и, исто така, ја повика Владата во Берлин да се придружи со своите тенкови кон коалицијата земји што ја поддржуваат Украина.
– Ова е наша заедничка цел, бидејќи станува збор за безбедноста на цела Европа – рече тој.
Откако се прочу одлуката на германската влада дека на Украина ќе ѝ испорача тенкови и ќе им дозволи на трети земји да го сторат тоа, Норвешка сега, исто така, разгледува да испрати осум „леопарди“ во Украина, пренесуваат медиумите. Холандија би можела да купи 18 тенка „леопард 2“ изнајмени од Германија и да ѝ ги предаде на Украина во рамките на таканаречената „тенковска коалиција“, изјави холандскиот премиер Марк Руте.
Финска, која не е членка на НАТО, но сака да стане, одамна најави дека има намера да ѝ испорача некои свои „леопарди“ на Украина.
И западните платеници што се борат на украинската страна флагрантно го
инволвираат Западот длабоко во конфликтот
И додека се сумираат резултатите околу тоа колку тенкови ќе ѝ бидат испорачани деновиве на Украина, „Вашингтон пост“, повикувајќи се на изјави на аналитичари и академици, наведува дека од 1.000 до 3.000 странци од Западот се борат на страната на украинската армија во војната против Русија и дека повеќето од нив служат во единиците на Меѓународната легија таму. Американскиот весник наведува, во извештајот подготвен од дописникот Џеф Стајн, дека влијанието на доброволците во борбите е релативно мало во споредба со придонесот на борците на редовните украински сили. Но како принцип на западна поддршка и инволвираност, тој сигнал не е за занемарување. Тој исто така истакна дека странските борци привлекуваат големо внимание од западните земји, особено кога се убиени или заробени, и отвораат голем број „непријатни“ правни, морални и политички прашања за Украина и за владите на земјите од кои доаѓаат овие волонтери.
Извештајот, на пример, укажува на „ризикот американските волонтери да го прекршат Законот за неутралност, кој беше донесен во 1974 година“. Притоа, се објаснува дека присуството на западните борци во Украина „ги ограничува напорите на администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден и НАТО“ да можат сериозно да аргументираат дека „нема директно вмешување во руската војна“!
Украинските власти минатата пролет изјавија дека околу 20.000 луѓе од повеќе од 50 различни земји доброволно се пријавиле да се борат во Украина. И покрај тоа што војната трае речиси една година, меѓу волонтерите сè уште има и такви што покажуваат висок степен на посветеност и се подготвени да ги издржат зимските услови и да ги надминат јазичните бариери и културните тензии што се јавуваат одвреме-навреме.