Се остварува непосакуваното сценарио

Воениот судир започна. Човештвото е на нозе. И како на секој почеток на некој воен судир, прва страда вистината. Имено, последниве неколку дена и двете страни (Русија и Украина) се обвинуваа меѓусебно дека воено провоцираат со спорадични инциденти од воен карактер. Едната страна изнесуваше „сведоштва“ за извршен воен напад (а и другата страна изнесуваше „аргументи“ дека се извршени оружени провокации). И наместо тоа да биде повод за засилени дипломатски активности за да се реши мирољубиво конфликтот на зелена маса, тоа стана иницијална каписла да се преземат сериозни воени дејства, кои, за жал, би можеле да бидат почеток на лавина за многу потешки и посериозни последици не само од регионален туку и од глобален карактер. Кратко по влегувањето на првите руски трупи во земјата, украинскиот претседател Владимир Зеленски прогласи воена состојба на територијата на целата земја, а во видеообраќање на својот народ му порача дека не е време за страв и дека само обединети можат да издвојат победа.
Американскиот претседател Џо Бајден порача дека светот ќе бара одговорност од Русија за прекршување на меѓународното право, претседателот на ООН, Антонио Гутереш, повика на разум и мир, а претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, најави нови економски санкции за ослабување на економската моќ на Русија, и со инвазијата, вели, Путин ја втурна Европа во нова војна.

НАТО ќе ги поддржи сојузниците, но не влегува во Украина

Постојаните претставници на земјите од НАТО се согласија да го активираат одбранбениот план, кој предвидува распоредување сили за реагирање во земјите од Алијансата за време на кризниот период, со цел да се заштитат сојузниците, изјави генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг. Тој додаде дека се преземени мерки за заштита на сојузниците, прецизирајќи дека на територијата на Украина нема сили на НАТО и дека не се планира нивно испраќање таму.
– Ја поддржуваме Украина, но даваме силни безбедносни гаранции само за сојузниците во НАТО – рече Столтенберг, додавајќи дека над 100 авиони се во борбена готовност.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, изјави дека вториот пакет санкции што ќе ги воведе ЕУ тешко ќе ја погодат руската економија и порача дека стабилноста на Европа е доведена во прашање. Фон дер Лејен истакна дека овој пакет санкции ќе доведат до зголемување на одливот на капитал и инфлација, а руската индустриска база постепено ќе биде уништена.
Од своја страна, Кремљ соопшти дека должината на руската воена операција во Украина зависи од тоа како напредуваат таа и нејзините цели и дека нападот идеално би требало да ја исчисти земјата од „нацистите“ и да го „неутрализира“ воениот потенцијал на Киев. Во конференциски разговор со новинарите, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, порача никој да не го употребува терминот окупација на Украина и дека тоа е „неприфатливо“ во контекст на руската операција.
Во меѓувреме, дипломатски извори информираа дека централноевропските земји се подготвуваат да примат бегалци од Украина. Поранешните членки на Варшавскиот пакт и сегашните членки на НАТО, Полска, Унгарија, Словачка и на Романија делат копнена граница со Украина, земја со 44 милиони жители.

Што може да се очекува во иднина?

Конфликтот во Украина и влошувањето на меѓународните односи го отворија прашањето дали конфликтот би можел да ескалира на европско, па дури и на глобално ниво!
– Русија наскоро би можела да започне голема војна во Европа. Можноста за војна зависи од вас – рече претседателот на Украина, Владимир Зеленски, во своето обраќање, во кое ги повика западните лидери на помош, поради последните случувања.
Дали навистина може да има нова светска војна? На 8 декември, Џо Бајден ја отфрли можноста за директна оружена интервенција на САД во Украина.
– Имаме морална должност и договорна обврска кон нашите НАТО-сојузници, доколку бидат нападнати. Нашата обврска не ја вклучува Украина – изјави американскиот претседател за Си-ен-ен, на крајот од претходната календарска година.
Воените аналитичари потсетуваат дека во блиското минато членството во НАТО не ги принуди САД да се воздржат од оружени дејства на територијата на нечленки (Косово, Ирак, Авганистан, Либија, Сирија). Вашингтон во 1982 година потврди дека го користи членството во меѓународните организации исклучиво за остварување на сопствените интереси кога ја игнорирал Организацијата на американските држави, која се заснова на концептот на „немешање во американските работи“ на сопствена иницијатива, проценувајќи го тогаш како покорисно сојузништвото со Британците, кои беа во војна со Аргентина околу Фолкландските Острови. Дали Зеленски и Украина во одреден момент ќе бидат отфрлени на сличен начин?
Не сакаат директен конфликт ниту во Русија, без разлика што не кријат дека целта на интервенцијата во Украина е да се спречи ширењето на НАТО и неговото натамошно приближување кон руските граници. Според претседателот Владимир Путин, Украина е „територија што ја користат трети земји за да креира свои закани против Русија“. Затоа Зеленски се доживува како експонент на Западот, пред сѐ поради насилната промена на власта во Украина во 2014 година, по што започнаа конфликти со проруското население.

Значи, ако претпоставиме дека нема да има директна војна, каков е можниот понатамошен исход од конфликтот во Украина? САД, веројатно, нема да ги поддржат Украинците со своја војска, но може да се очекува испраќање воени советници, снабдување со оружје и муниција, заедно со сет меѓународни санкции насочени кон руските функционери, компании и државата. Американската политика би можела да биде слична на онаа на Тајван, чија независност од Кина беше силно поддржана со децении, но тие никогаш не ја предвидоа можноста за оружен конфликт со Кина околу овој остров во Пацификот. Од друга страна, Русија како енергетска сила, секако, располага со механизми да одговори и значително да ја наруши економската состојба. Во овој момент, цената на гасот веќе скокна на над 1.400 долари за кубен метар!
Не е реално да се очекува ширење на конфликтот надвор од границите на Украина, како и постојана окупација од страна на Русија на поголем дел од самата земја. Не само што е под прашалник колку долго би била одржлива таквата ситуација туку и дискутабилно е дали воопшто тоа била намерата на Русија. Владимир Путин ги негираше шпекулациите за „обнова на империјата“, нагласувајќи дека Русија „разбила нови реалности по распадот на Советскиот Сојуз и активно работела на зајакнување на соработката со другите поранешни советски републики“.