Русија издаде потерница за претседателот на Меѓународниот кривичен суд (МКС) Пјотр Хофмански, се наведува во базата на податоци на барани лица на руското Министерство за внатрешни работи, пренесе ТАСС.
„Хофмански Пјотр Јозеф, Полјак. Баран според член од Кривичниот законик на Руската Федерација“, е наведено во базата на податоци, без да се прецизира според кој член точно се бара.
На списокот на лица барани од Русија се и првиот заменик претседател на МКС, Луз дел Кармен Ибанез Каранза, како и судијата Бертрам Шмит.
На 17 март, МКС издаде налог за апсење на рускиот претседател Владимир Путин и руската комесарка за права на децата Марија Лвова-Белова под обвинение за наводна вмешаност во воени злосторства поврзани со нелегална депортација на украински деца во Русија.
На 20 март, Рускиот истражен комитет отвори кривично дело против обвинителот на МКС Карим Кан и против судиите Росарио Салваторе Аитала, Серхио Херардо Угалде Годинез и Томоко Акане. Истражниот комитет смета дека нивните постапки биле намерно незаконски, бидејќи нема основа за кривично гонење на Путин и Лвова-Белова.
Во мај, Карим Кан и Росарио Ајтале беа обвинети и по нив беше распишана потерница. Подоцна беше прогласена потрага и по Томоко Акане.