Софистицираната воена технологија направи да се води „воен судир во глобално село“

Како последица од неодамнешниот напад врз базата на руските воздухопловни сили

Руските воздушни сили (ВКС) ги преместиле своите бомбардери со долг дострел, вооружени со нуклеарни проектили, „ту-95“ на безбедна локација на Далечниот Исток, неколку дена откако Украина изврши нов напад врз базата на руските воздухопловни сили, каде што претходно беа сместени бомбардерите. Извори од украинската влада тврдат дека најмалку шест авиони „туполев“, „ту-95“, дел од авијацијата со долг дострел на руските воздушни сили (ВКС), биле префрлени од воздухопловната база Енгелс-2 во воздухопловната база Серишево, по три напади со беспилотни летала во декември. Додека Енгелс-2 е 600 километри источно од територијата контролирана од Украина, базата Серишево е оддалечена над 6.000 километри од Украина, пишуваат специјализираните медиуми за безбедност и вооружување.
Во базата во регионот Амур во Русија, каде што сега се префрлени бомбардерите, се сместени 326-та дивизија за тешки бомбардери и 182-от авијациски полк за тешки бомбардери, кој управува и со „ту-95“. На 26 декември, Русија објави дека спречила нов напад со беспилотно летало врз воздухопловната база Енгелс-2 со соборување непријателски дрон. Според некои воени извештаи, на самото место загинале тројца војници и била направена материјална штета, наводно од остатоци од масивниот дрон. Во нападите беа оштетени делови од руски стратегиски бомбардери.

Бомбардерите „ту-95“ и „ту-160“ се главни стратегиски бомбардери на Русија. „Ту-95“ по неодамнешните напади е првиот руски бомбардер од ваков тип што е оштетен во борба. И ако леталото не беше целосно уништено, најверојатно ќе беше преместено во хангарите на поправка. Иако бомбардерите најверојатно не биле поместени веднаш по првичниот напад, повторените обиди на Украина да нападне стратегиски важни воздушни бази влијаеле на одлуката. Вооружените сили на Украина ниту ја презедоа ниту ја негираат одговорноста за овие далечни напади врз руските бази.
Сателитските снимки направени на 28 ноември и објавени во почетокот на декември покажаа околу 20 руски бомбардери што носат ракети поставени на пистата, вклучувајќи ги и стратегиските бомбардери „ту-160“ и „ту-95“. Во тоа време, Русија веќе ги користеше своите бомбардери за да истрела конвенционални ракети со долг дострел без да навлезе во украинскиот воздушен простор.
Меѓутоа, она што се случи потоа го смени текот на војната. Утрото на 5 декември, модифицирано борбено беспилотно летало од советската ера, вооружено со експлозив, ги нападна воздухопловната база Енгелс во регионот Саратов и воздухопловната база Дјагилево во регионот Рјазан. И двете бази се наоѓаат длабоко на руска територија и се поблиску до Москва отколку до украинската граница. Речиси еден месец по првиот напад, бројот на бомбардери во Енгелс е намален од 26 на само 11, според процената на сателитската слика објавена од „Д вар зоун“. Сега бомбардерите се селат на уште побезбедно место.