Според британски разузнавачки податоци
Британското Министерство за одбрана во својот извештај наведува дека и покрај напорите на руската армија да ја запре украинската контраофанзива во јужниот дел на Украина, Русија е насочена кон освојување на Донбас.
Во извештајот се наведува дека политичката цел на операцијата Донбас речиси сигурно останува да се обезбеди целата Донецка област, што ќе му овозможи на Кремљ да прогласи „ослободување“ на Донбас. Руските сили најверојатно повеќе пати ги пропуштија роковите за постигнување на таа цел.
Украинските власти тврдат дека руските силите сега имаат наредба да ја завршат оваа мисија до 15 септември 2022 година. Според британски разузнавачки податоци тое е малку веројатно да се постигне, што дополнително ги комплицира руските планови за одржување референдуми за присоединување на окупираните територии кон Руската Федерација.
Официјален Киев соопшти дека украинските оружени сили вчера го ослободиле местото Високопилија во херсонската област.
Кирило Тимошенко, заменик-шефот на Кабинетот на украинскиот претседател, на Телеграм објави фотографија од подигнувањето на украинското знаме во Восокопилија.
Инаку, извештаи за ослободување на тоа населено место во северниот дел на регионот на Херсон беа објавени и во текот на јуни.
Украинскиот претседател Владимир Зеленски на воен состанок изјавил дека украинските знамиња се повеќе се враќаат таму каде што припаѓаат.
„И нема место за окупатори во нашата земја“, ја објавува кабинетот изјавата на претседателот, без притоа да се дадат детали.
Медиумите во Киев уште јавуваат дека украинските воени единици во текот на вчерашниот ден го ослободиле и местото Озерне во Донецк. Информацијата не е потврдена од независни извори.
Украинската армија на крајот на минатиот месец покрена офанзива за ослободување на регионот Херсон што руските сили го зазедоа набргу по почетокот на инвазијата на 24 февруари.
Руското Министерство за одбрана ги негира наводните успеси на украинската армија.