Русија
Русија и Индија потпишаа меѓувладин договор за програма за воено-техничка соработка за периодот 2021-2030 година, соопшти руското министерство за одбрана. Документот беше потпишан во присуство на рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу и индискиот министер за одбрана Рајнат Синг. Свои потписи на документот оставиле и шефот на руската федерална служба за воено-техничка соработка, Дмитриј Шугаев, и главниот директор за набавки на индиското министерство за одбрана, Канта Рао.
Руското министерство за одбрана, по церемонијата, соопшти дека договорот предвидува соработка меѓу двете земји за оружје, набавка на воена опрема и одржување заеднички вежби. Интересно е што Москва за време на средбата меѓу првите луѓе на одбраната на Индија и на Русија издаде предупредувања за влијанието на САД во регионот.
Некои од медиумите пишуваат дека Индија и САД се сојузници во военото разузнавање, а Индија како нуклеарна сила има делумна противтежа на Кина и Пакистан во регионот.
– Имаше корисна и значајна дискусија на различни теми, фокусирајќи се на ситуацијата во Азиско-пацифичкиот Регион, каде што елементите на нестабилност се акумулираа со текот на годините и ја загрозуваат универзалната, инклузивна алијанса на нациите од Југоисточна Азија (АУКУС). На нашите индиски пријатели им изразивме сериозна загриженост за американските активности таму под слоганот на таканаречените индопацифички стратегии и создавање структури од типот на затворен блок – истакна рускиот министер за надворешни работи Лавров. Шефот на руската дипломатија посочи дека договорот за воена соработка Вашингтон – Канбера – Лондон (АУКУС) е еден од најновите примери што предизвикуваат загриженост. Во врска со ова, тој рече дека се поставуваат многу прашања, на пример, колку таквите планови се во согласност со правилата на Меѓународната агенција за атомска енергија и Договорот за неширење на нуклеарното оружје. Според договорот АУКУС, Австралија треба да изгради најмалку осум подморници на нуклеарен погон користејќи американска технологија и дополнително да ги опреми своите вооружени сили со американски крстосувачки ракети.
Подготвил: Дејан Србиновски