Министерството за надворешни работи на Русија ги оквалификува како дезинформација и провокација тврдењата на британското МНР дека Москва има намера во Украина да доведе на власт сили што имаат позитивен став кон руското раководство.
„Имаме информации дека руските власти сакаат да доведат проруски лидер на власт во Киев. Ова се прави во исто време кога Русија размислува дали е неопходно да ја нападне и окупира Украина“, соопшти британското министерство за надворешни работи.
„Поранешниот украински пратеник Евгениј Мураев се смета за потенцијален кандидат за таа улога“, се додава во текстот. Според Лондон, руските специјални служби наводно одржуваат контакти со многу поранешни украински политичари, како што се поранешните вицепремиери Сергеј Арбузов и Алексеј Кљујев, поранешниот заменик-секретар на Советот за национална безбедност и одбрана, Владимир Сивкович, и поранешниот премиер Микола Азаров.
– Дезинформациите објавени од британското министерство за надворешни работи се доказ дека членките на НАТО, кои се предводени од Англосаксонците, се тие што ги зголемуваат тензиите околу Украина. Го повикуваме британското министерство да престане со провокативните активности и да престане да шири бесмислици – изјави портпаролката на руското министерство, Марија Захарова.
Британската влада го изнесе тврдењето врз основа на разузнавачка процена, без да обезбеди докази за да го поддржи тоа. Овие обвинувања доаѓаат во време на затегнати односи меѓу Русија и западните земји поради распоредување руски војници на украинската граница и можна инвазија.
Истовремено, британскиот вицепремиер Доминик Раб изјави дека неговата влада е подготвена да воведе сериозни економски санкции против Русија доколку таа се обиде да ја нападне Украина или да донесе проруски политичари на власт во таа земја.
– Москва ќе се соочи со сериозни последици доколку се обиде да ја нападне Украина или да воспостави марионетски режим – рече Раб во интервју за Скај њуз.
На прашањето на водителот дали Лондон ја разгледува можноста за исклучување на Русија од меѓународниот систем на плати „Свифт“, министерот за правда одговори дека против Москва ќе биде воведен широк пакет економски и финансиски ограничувања. Покрај тоа, Раб не го исклучи подготвувањето санкции заедно со сојузниците на НАТО насочени против гасоводот „Северен тек 2“.
Кремљ негира какви било воени намери, но смирувањето на ситуацијата го условува со договори што ќе гарантираат непроширување на НАТО, особено кон Украина, и повлекување на Алијансата од Источна Европа. Западот вели дека тоа е неприфатливо и ѝ се заканува на Русија со тешки санкции доколку ја нападне Украина.