Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис изјави дека Русија мора да биде казнета за, како што наведе, воените злосторства извршени на територијата на Украина.
На заедничката конференција со украинскиот претседател Володимир Зеленски, тој додаде дека Грција „безрезервно ја осудува“ руската инвазија, пренесе „Гардијан“.
Тој посочи дека Грција никогаш нема да ја признае нелегалната анексија на украинска територија од Русија.
– Ние сме против кршење на меѓународното право и сме против каква било нелегална окупација – рече грчкиот премиер.
Тој изјави дека официјална Атина ги поддржува санкциите против Москва и покрај нивните негативни последици за грчката економија и дека активно се залага за интеграција на Украина во Европската унија.
На прес-конференцијата Мицотакис и Зеленски потпишаа заедничка изјава за евроатлантската перспектива на Украина.