Фото: Принт-скрин

Русија, Кина и Јужна Африка почнуваат денеска заеднички воени вежби во Индискиот Океан, во близина на брегот на Јужна Африка, демонстрирајќи ги нивните блиски врски во време на руска инвазија врз Украина и заладените односи на Кина со Западот.

Десетдневните вежби наречени „Моси II“ ќе се совпаднат со првата годишнина од отпочнувањето на војната на Украина на 24 февруари, а пристапот до медиумите ќе биде ограничен. Трите земји ги одржаа поморските вежби „Моси I“ во Кејптаун во 2019 година.

Руската фрегата „Адмирал Горшков“ оваа недела пристигна во Кејптаун. На неа се истакнати буквите „З“ и „В“, што се користат за симболизирање на руската специјална операција во Украина.

Пристигнувањето на руската фрегата предизвика контроверзии во меѓународната јавност, бидејќи е опремена со најновите хиперсонични ракети „циркон“, за кои Русија тврди дека „можат да пробијат каква било противракетна одбрана на море и на копно“. Планирано е проектилот да биде тестиран за време на вежбите.