Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека војската работи на нови планови за прекинување на испораката на оружје и муниција за украинската армија од странство, јави ДПА.
– Воочуваме дека Украина добива се повеќе и подобро западно оружје – рече Лавров во интервју за руската телевизија.
Затоа, истакна тој, има повици меѓу воените експерти да се прекинат овие рути за снабдување.
– Се разгледуваат „железнички линии, мостови и тунели. Претпоставувам дека тие ќе донесат професионални одлуки како да ги отежнат овие испораки или, идеално, целосно да ги запрат – рече Лавров.
Според Лавров, тие веќе работат на тоа со напади врз украинската инфраструктура. Нарушувањето на енергетската мрежа веќе отежнува испорака на ново оружје, рече тој.
– И јас сум убеден дека има и други планови кои се применуваат во овој поглед – наведе шефот на руската дипломатија.