Фото: Маја Јаневска-Илиева / Илустрација

Автомобилските компании во ЕУ минатата година извезле возила во вредност од 158 милијарди евра, што е за 8 милијарди повеќе од претходниот рекорд од 150 милијарди евра остварен во 2015 година. Увозот на возила во ЕУ во 2022 година изнесувал 62 милијарди евра, со што е остварен трговски суфицит од 96 милијарди евра, соопшти Евростат.

Вредноста на трговијата со автомобили надвор од ЕУ се зголемила во просек за 3,8% годишно помеѓу 2002 и 2022 година, при што увозот (4,4%) растел побрзо од извозот (3,6%).

Клучни трговски партнери во трговија со автомобили

Во 2022 година, САД биле главна извозна дестинација на автомобили од ЕУ (23% од вкупниот број), пред Обединетото Кралство (17%), Кина (15%), Јужна Кореја и Швајцарија (и двете по 5%), Јапонија и Турција (4%). Овие седум партнери сочинуваа речиси три четвртини (73%) од извозот на автомобили од ЕУ.

Кина и Обединетото Кралство (двете по 15%) се земји од каде е најголемиот увоз на автомобили во ЕУ, пред САД (14%), Јужна Кореја (13%), Јапонија (12%), Турција (10%) и Мексико (8%). Заедно, овие седум земји сочинуваат 88% од вкупниот увоз на автомобили во ЕУ.