Распоредувањето на руското тактичко нуклеарно оружје во Белорусија не е временски ограничено, изјави денеска директорот на одделот за поранешните советски земји при руското Министерство за надворешни работи, Алексеј Полишчук.
Русија во март соопшти дека ќе распореди тактичко нуклеарно оружје на територијата на нејзиниот близок сојузник Белорусија, која и пружи поддршка на Москва за нејзиниот напад врз Украина. Белорускиот претседател Александар Лукашенко рече дека оружјето почнало да пристигнува минатиот месец.
По распадот на Советскиот Сојуз ова е прво распоредување нуклеарни боеви глави од овој тип надвор од руската територија. Тактичките нуклеарни боеви глави се оружје со помала моќност и дострел што потенцијално би можело да се користи на бојното поле.
– Што се однесува до можната временска рамка за присуство на руско тактичко нуклеарно оружје на територијата на Белорусија, руско-белоруските договори не предвидуваат никакви ограничувања за ова прашање – рече Полишчук.
Тој додаде дека оружјето хипотетички може да биде отстрането од Белорусија доколку САД и НАТО „се воздржат од поткопување на безбедноста и суверенитетот на Русија и Белорусија“.