Саиф ал-Ислам Гадафи своевремено водеше преговори со британските власти во врска со терористички напад во Шкотска, Светскиот економски форум го именуваше за „млад глобален лидер“, а во преостанатото време тој беше посветен на докторските студии по филозофија во Лондон. Низа мејлови и документи сега даваат увид во минатите раскалашни активности на синот на поранешниот либиски лидер Моамер Гадафи, од времето кога стапуваше на јавната сцена предводејќи ги контактите со меѓународната заедница, објавува „Гардијан“. Ваквите информации излегоа на виделина во ситуација кога Саиф Гадафи има амбиции да ја преземе власта во Либија.
Саиф во тој период во неговата придружба наводно имал група сонародници кои биле задолжени за организирање на скапи забави што чинеле десетици илјади фунти, кои опфаќале ноќни клубови на Карибите, јахти, приватни летови и личности од светскиот џет сет. Добрите времиња за Саиф траеја уште четири години пред избивањето на граѓанската војна во Либија, посочува „Гардијан“. Бунтовниците брутално го егзекутираа Моамер Гадафи, пред да го заробат Саиф кој потоа исчезна од јавниот живот.
Една деценија подоцна Саиф излезе од заробеништвото во упориштето на бунтовниците, Зинтан, за да објави дека ќе се кандидира за претседател на Либија. Тој ги потпиша документите за кандидатурата со раката повредена при воздушните напади што ја урнаа власта на неговиот татко. Несогласувањата помеѓу ривалските фракции ги одложија изборите и поттикнаа бран на протести месецов, додека Обединатите нации се залагаат за нов изборен датум. Многумина Либијци делуваат подготвени да го дадат гласот за Саиф Гадафи кога ќе почне претседателската трка, наведува британскиот весник. Трауматизирани од повеќегодишната граѓанска војна Либијците копнеат по релативната стабилност за време на владеењето на Гадафи.
– Потребно е да се вратите бавно. Како стриптиз – им кажа Саиф Гадафи на новинарите.
Но, постојат пречки за враќањето на наследникот на Гадафи на политичката сцена. Него го очекува судење пред меѓународен суд под обвинението за злосторства против човештвото, што ја доведува во прашање можноста за заземање на политичка функција.