Фото: Маја Јаневска-Илиева

Како Македонија и Бугарија заемно ќе се борат против говорот на омразата, ако Бугарија (врз основа на заемно потпишаните меѓународни документи) го официјализира говорот на омраза против Македонците преку тврдењето дека македонскиот јазик не постои? Ако Бугарија не го признава македонскиот јазик, таа не го признава и македонскиот народ. Не го признава македонското малцинство во Бугарија, а не ги признава ниту Македонците во Македонија, во нивната држава, каде што тие се мнозинство. Оваа точка ги прави апсурдни и сите одредби за говорот на омраза

Кога ќе ја детектираме апсурдноста на одредбите во француско-бугарскиот пакет?

Дефинирањето на границите на говорот на омраза е теренот на кој многумина се лизнаа во изминативе неколку децении откога се интензивираа полемиките околу таа тема. Властите на македонскиот источен сосед, Бугарија, пак, се лизнаа веќе во самиот почеток на обидот да го „прочистат“ јавниот простор во земјава од, за нив неприемливите зборови и квалификации. Па така, како една од клучните мерки што, според неодамна потпишаниот протокол за исполнување на Договорот за добрососедство и пријателство од 2017 година, владите на двете држави, меѓу другото, се обврзаа дека ќе ги детектираат, превенираат и санкционираат сите обиди за ширење говор на омраза и за повикување на насилство и на други слични активности, кои би можеле да им наштетат на меѓусебните односи, но и дека притоа, ќе ги разменуваат сите информации поврзани со овие појави.

Официјална Софија го легализира говорот наомраза за Македонија преку меѓународните договори?!

А за тоа како Бугарија ги толкува говорот на омраза, понижувањето, деградацијата и националната деноминација кон еден народ, јазик и држава што не е членка на Унијата, голема одговорност лежи и кај ЕУ. За недвосмисленоста на ваквата констатација, а и за сите апсурди што произлегуваат од протоколот, токму во врска со говорот на омраза, можеби најдобро објаснување даде поранешниот министер за надворешни работи Никола Димитров.
– Бугарија не го признава македонскиот јазик, а со тоа и македонскиот народ, а бара внесување на дел од бугарскиот народ во истата држава каде што македонскиот народ е мнозински. Значи, не зборуваме само за Македонците во Бугарија. Софија оди чекор понатаму и не ги признава ниту Македонците во Македонија, во друга држава, во нивната држава, каде што тие се мнозинство. Оваа точка ги прави апсурдни и сите одредби за говорот на омраза, за која во текстот е избришана меѓународната дефиниција од претходните верзии. Како заемно ќе се бориме против омразата, ако Бугарија го официјализира говорот на омраза против Македонците преку тврдењето дека македонскиот јазик не постоел? Преку најдрско мешање во срцето на внатрешните работи на друга држава? – прашува во својата колумна Димитров.
Со силни аргументи настапи и професорот Јове Кекеновски.
– Во третата декада на 21 век од мнозинскиот народ во една држава да барате да ве вметнат во уставните одредби како припадници на друг народ, а притоа барателот бесрамно и одважно јавно да тврди дека не ја признава припадноста на тој народ, неговиот јазик, култура и историја е повеќе од говор на омраза и недозволив обид за омаловажување. Се работи за најдолен и необјаснив начин на однесување, размислување и дејствување, кој се толерира од страна на пропагаторите на т.н. цивилизациски европски вредности. Што би рекол бугарскиот историчар С. Дечев „арогантно и навредливо“ – констатира тој.

Говорот на омраза редовен во речникот во бугарскиот парламент

А колку говорот на омраза е присутен во Бугарија треба само да се потсети на ситуацијата од пред неполн месец, кога дури и во тамошниот парламент во рацете на дел од пратениците можеа да се видат написи „Македонија е Бугарија“, поради што Министерството за надворешни работи на Македонија врачи соодветна вербална нота, на која оттаму немаше одговор, од што произлегува уште еден апсурд, како одговор на прашањето кој таму воопшто ќе ја спроведува мерката во пошироката јавност, кога ниту во највисоките државни институции не може да се воспостави контрола.
Инаку, според протоколот за исполнување на Договорот за добрососедство и пријателство од 2017 година, кој пред некој ден во Софија го потпишаа министрите за надворешни работи на Бугарија и на Македонија, Теодора Генчовска и Бујар Османи, во една од мерките што треба да бидат преземени пред меѓувладината конференција за комплетирање на фазата на отворање на пристапните преговори на Македонија со ЕУ, се наведува дека: „Државите ја потврдуваат обврската за преземање на мерки против секој вид говор на омраза и ги определуваат министерствата за надворешни работи за контакт и за информирање на надлежните институции за заедничко идентификување на такви случаи, во написи на јавни згради и споменици, текстови во учебници и учебни програми, како и во јавниот простор. Државите ќе создадат, без одложување, соодветна процедура и конкретни чекори за преземање на брзи и ефективни мерки при идентификување на такви случаи.
Двете држави ќе преземат ефикасни мерки за превенирање на недобронамерна пропаганда од страна на институции и агенции и ќе обесхрабруваат активности на приватни субјекти, насочени кон поттикнување на насилство, омраза или други слични активности, кои би наштетиле на нивните односи“.
Но и понатаму, во делот за мерките што треба да продолжат да се спроведуваат и по одржувањето на меѓувладината конференција за комплетирање на фазата на отворање на пристапните преговори, се вели: „Двете држави преку дипломатските канали меѓу министерствата за надворешни работи да продолжат да разменуваат информации во врска со говор на омраза, идентификувани натписи и знаци на јавни згради и споменици, текстови во учебници и учебни материјали, како и во јавниот простор на територијата на другата држава, и да информираат во разумен рок за преземените активности од соодветната држава за неодложно отстранување на идентификуваните случаи на говор на омраза. Двете држави да гарантираат дека државното финансирање на нови книги, документарни изданија и списанија, филмови и друга уметничка продукција, како и на споменици на културата и прослави, ќе се реализира во духот на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, и во овој контекст, секој субјект финансиран од државата ќе потврди преку јасна и обврзувачка изјава дека ќе го следи со неопходното внимание прашањето за неприфаќање на сите форми на говор на омраза и непочитувањето на оваа должност ќе претставува основа за прекин на понатамошното државно финансирање на ваквиот субјект. Двете држави ќе преземат ефикасни мерки за превенција на недобронамерна пропаганда од страна на институции и агенции и ќе одвраќаат активности на приватни субјекти, насочени кон поттикнување на насилство, омраза или други слични активности кои би ги повредиле нивните односи“. Д.М.М