Претседателот на Русија, Владимир Путин денеска оцени дека западните земји се обидуваат дополнително да го разгорат конфликтот во Украина.
Путин во своето обраќање пред учесниците на конференцијата за меѓународна безбедност, што се одржува во Москва, рече дека ситуацијата во Украина е пример за „долевање масло на огнот“ на западните земји.
– Со пумпање милијарди долари во неонацистичкиот режим, снабдување со опрема, оружје, муниција, испраќање воени советници и платеници, се прави се за дополнително да се разгори конфликтот, да се вовлечат и други земји во него – нагласи Путин, а пренесе весникот „Известија“.
Путин тврди дека НАТО продолжува да го зајакнува својот потенцијал, користејќи воени и невоени средства за притисок.
Тој оцени дека НАТО се обидува да ја пренесе воената конфронтација во вселената и информацискиот простор.
Путин додаде дека САД се обидуваат, меѓу другото, да го реформатираат системот на меѓудржавна соработка во азиско-пацифичкиот регион AUCUS и дека не е исклучено НАТО да сака целосно да се интегрира со тој блок што го сочинуваат Австралија, Велика Британија и САД.