Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека санкциите против американскиот новинар Такер Карлсон по неговата посета на Русија ќе го покажат „вистинското лице на модерната либерално-демократска диктатура во САД“.
– Од гледна точка луѓето ширум светот да сфатат што е модерна либерално-демократска диктатура, која наводно е претставена во денешната владејачка класа на САД, тоа би било убаво. Тие тогаш би го покажале своето вистинско лице – рече Путин во интервју за рускиот новинар Павел Зарубин, одговарајќи на прашање за можни санкции против Карлсон.
Путин истакна дека денес не е возможен директен дијалог со Западот и му се заблагодари на Карлсон што посредувал во тоа.
– Ако денес, поради некоја причина поврзана со нив, не можеме да водиме директен дијалог, тогаш треба да му бидеме благодарни на господинот Карлсон што можеме да го направиме тоа преку него како посредник – рече Путин во интервјуто објавено на каналот на „Телеграм“ на Кремљ.
Зборувајќи за заканата за апсење на Карлсон по интервјуто со него, Путин рече дека би било тажно, „но новинарот знаел во што се впушта“.
– Од гледна точка на Карлсон, тоа би било тажно, не му завидувам, но ова е негов избор. Тој знаеше што прави – рече рускиот лидер.
Коментирајќи ги негативните оценки за интервјуто со Карлсон на Запад, Путин позитивно го оцени фактот дека западните лидери „гледаат и слушаат“ што тој зборува.
Тој, исто така, истакна дека не е негово да суди за содржината на неговото интервју со американски новинар, туку на гледачите и читателите.
– Не е мое да судам колку беше значајно на крајот. Гледачите, слушателите и, можеби, читателите, тие треба да донесат свои заклучоци – рече Путин.
Тој рече дека немал можност да води остар дијалог за време на интервјуто со Карлсон и оти американскиот новинар е „опасна личност“.
– Мислам дека Карлсон е опасна личност. Мислев дека ќе биде агресивен и ќе поставува тешки прашања. Не само што бев подготвен за тоа, туку и го посакував, бидејќи тоа ќе ми дадеше можност да одговорам на ист начин, што, според мене, ќе дадеше одредена специфичност на целиот разговор – истакна претседателот на Русија и додаде дека американскиот новинар бил изненадувачки трпелив и оти „ја слушал приказната“.
– Но, тој избра друга тактика. Неколку пати се обиде да ме прекине, но сепак, за еден западен новинар, беше изненадувачки трпелив, ги слушаше моите долги излагања, особено оние поврзани со историјата, и не ми даде причина да го направам она што на што бев подготвен – додаде Путин.
За време на двочасовното интервју објавено ноќта на 9 февруари, кое имаше повеќе од 170 милиони прегледи на социјалната мрежа X и повеќе од десет милиони на YouTube, Путин, меѓу другото, рече дека Русија нема да го нападне НАТО, особено Полска, Летонија и други балтички земји.
Во исто време, според неговите зборови, странските политичари редовно го плашат своето население со закани од Москва, оттргнувајќи го вниманието од внатрешните проблеми.
Рускиот претседател истакна и дека западните земји почнале да сфаќаат дека стратешки пораз на Русија во конфликтот со Украина е невозможен, па затоа треба да размислуваат за понатамошни чекори, истакнувајќи дека Москва е подготвена за дијалог.