Рускиот претседател Владимир Путин денеска одржа говор на комеморацијата по повод 1160-годишнината од руската државност, при што истакна дека би било „опасно за Русија да го ослаби нејзиниот суверенитет“, нагласувајќи дека „нема да ја повтори таа грешка“.
– Во овие 1160 години научивме дека е опасно за Русија да го ослаби својот суверенитет, макар и за момент. Во тие периоди, самото постоење на Русија беше загрозено. Никогаш нема да ја повториме таа грешка. Нема да попуштиме на уцени и заплашувања и никогаш нема да го загрозиме нашиот суверенитет. Ќе го зајакнеме и ќе ја развиваме нашата земја. Суверенитетот е гаранција за слободата на секој човек, исто како и нашите традиции. Луѓето не можат да се чувствуваат слободни, вистински слободни ако Мајка Русија не е слободна – рече рускиот претседател.
Путин зборуваше и за „единството на народот соочен со закана“.
– Почит кон семејството, љубов кон децата – тоа е силната основа на нашите вредности. Тоа се и сочувството и желбата да се трага по благосостојба, не само за себе, туку и за цела Русија. Тоа е и единството на народот соочен со закани кон нашите пријатели и татковината – рече Путин и на крајот од говорот се осврна на војната во Украина што Кремљ ја нарекува специјална воена операција.
– За време на специјалната воена операција, нашите херои, војници и офицери, нашите доброволци, сите тие ги покажуваат највисоките човечки вредности. Чесно се борат братски за народот на Донбас – рече Путин кој нагласи дека „да се биде патриот е самата природа на Русија“.
Путин претходно денеска најави делумна мобилизација на руските резервисти и му се закани на Западот со употреба на нуклеарно оружје.