Претседателските избори во Турција иницираат прашања за иднината на односите на земјата со Русија, чиј претседател Владимир Путин е близок сојузник на претседателот Реџеп Тајип Ердоган, кој се натпреварува против Кемал Киличдароглу, главниот кандидат на опозицијата во Турција и шеф на централно-левичарската Републиканска народна партија (ЦХП), пишува „Њусвик“.
Путин ја потврди важноста на односите на неговата земја со нејзиниот црноморски сосед минатиот месец за време на виртуелната церемонија со Ердоган, на инаугурацијата на првата нуклеарна централа во Турција. Нуклеарната централа Акују, вредна 20 милијарди долари, беше изградена и е во сопственост на Росатом, руска државна нуклеарна корпорација. Истакнувајќи ги енергетските инвестиции на неговата земја и подвлекувајќи дека се создава нов сектор во актуелно заслабнатата економија на Турција, Путин благо навести кој претседателски кандидат ќе ја добие неговата поддршка.
-Изградбата на првата нуклеарна централа во Турција и создавањето на нова, напредна, високотехнолошка индустрија од нула е уште еден убедлив пример за тоа колку Вие, претседателе Ердоган, правите за Вашата земја, за растот на нејзината економија, за сите турски граѓани – рече Путин за време на инаугуративната церемонија, емитувана во живо.
-Сакам јасно да кажам: Вие сте способен да поставите амбициозни цели и самоуверено да се движите кон нивно спроведување – додаде тој.
Колкави се шансите за победа на Киличдароглу?
Анкетата на Конда, компанија за истражување и консултантски услуги во Турција, покажа дека опозицискиот кандидат води со 49,3 отсто поддршка, додека Ердоган има 43,7 отсто. Резултатите од анкетата, спроведена од 6 до 7 мај, сугерираат дека на Ердоган ќе му недостасува мнозинството потребно за победа во првиот круг, што значи дека двајцата кандидати може да се соочат и во вториот круг на 28 мај. Бекир Агирдир, менаџер на Конда, изјави дека шансите на Киличдароглу да победи на изборите се зголемиле откако Мухарем Инџе, уште еден претседателски кандидат и поранешен пратеник во Народното собрание на Турција, се повлече од трката.
Ќе се сменат ли турските политики кон Русија и Украина?
Русија е фокусирана на зајакнување на економските врски со Турција – билатералната трговија меѓу двете земји, според Си-Ен-Ен, во 2022 година ја надмина сумата од 62 милијарди долари. Врските меѓу двете земји се продлабочија и на воено ниво, откако во 2019 година Турција купи ракети С-400 од Русија. Турција е центар и за други руски инвестиции, вклучувајќи недвижен имот и безбедно засолниште за илјадници Руси кои избегаа од нивната земја по целосната инвазија на Путин на Украина, објави НПР.
Стабилната политика на Турција кон Русија делумно се должи на нејзината голема зависност од руската енергија и инвестициите, кои придонесуваат за зајакнување на нејзината загрозена економија. Според Радио Слободна Европа, Турција добива околу 45 отсто од својот природен гас од Русија, заедно со огромни количини јаглен и нафта.
Илија Куса, аналитичар за меѓународни односи во Украинскиот институт за иднината, во неодамнешниот извештај објавен од Центарот Вилсон напиша дека Киличдароглу нема сосема јасна позиција во однос на Украина. Од друга страна, советникот за надворешна политика на опозицискиот кандидат, Унал Чевикоз рече дека доколку победи на изборите, Киличдароглу ќе ја задржи улогата на Турција како посредник меѓу Украина и Русија. Инаку, Турција веќе долго време игра активна посредничка улога меѓу Киев и Москва, а Анкара посредуваше и во договорот за извоз на жито што го потпишаа двете страни, олеснувајќи ја глобалната криза со храна која произлезе од војната започната од Путин. Анкара, исто така, испорача беспилотни летала во земјата разорена од војна, а украинскиот амбасадор во Турција, Васил Боднар, минатата година најави изградба на фабрика во неговата земја, која ќе биде во сопственост на Бајкар, турска компанија која произведува беспилотни летала „Бајрактарс“, кои се користат против руските трупи.
Ќе се подобрат ли турските релации?
Според Радио Слободна Европа, иако Турција испрати беспилотни летала во Украина, таа останува на иста страна со Русија во однос на спротивставувањето на одредени западни вредности. Но, Киличдароглу се обидува да ги обнови односите со Европа и САД, кои беа поткопани за време на мандатот на актуелниот турски претседател.
Подобрените односи со Западот, исто така, би можеле да ја отворат вратата за брз влез на Шведска во НАТО – чин на кој Путин се спротивставува и кој Ердоган подолго време го одложува.
-Киличдароглу веројатно брзо ќе ја одобри кандидатурата на Шведска за НАТО. Турскиот опозициски кандидат вети дека ќе ги намали тензиите на неговата земја со САД во однос на источноевропските политики. Киличдароглу, исто како и Ердоган, веројатно ќе ги заштити интересите во близина на странство во однос на Грците, ПКК и Ерменија, што ќе значи одредени несогласувања од страна на САД. Но, дури и ако Ердоган биде реизбран, односите веројатно ќе се подобрат. Тој веќе неколку години е на „тивок оган“ со Израел, арапските држави и САД, а во земја каде што САД (и Европа) се непопуларни, голем дел од неговата неодамнешна остра антизападна реторика е само во функција на предизборието – изјави Џејмс Џефри, поранешен амбасадор во Ирак и Турција и претседавач на програмата за Блискиот Исток во Центарот Вилсон.
Во меѓувреме, Елеонора Тафуро, виш научен соработник во Центарот за Русија, Кавказ и Централна Азија при Меѓународното здружение за подобрување на можностите (ИСПИ), изјави за „Њусвик“ дека и покрај тоа што блиското партнерство меѓу Путин и Ердоган е важно за нивните билатерални односи, „сведувањето на врската меѓу Путин и Ердоган на блиско другарство би било грешка“.
-Секако, Путин го поддржува Ердоган…но би бил подготвен да работи и со Киличдароглу. Релациите со Турција се премногу витални за него, особено сега. Тешко дека ќе ги изгуби, дури и ако Ердоган си замине од власт – рече Тафуро.
Подготви: Валбурга Батева Николоска