Фото: Фејсбук/Олаф Шолц

Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска го повика рускиот претседател Владимир Путин да го направи првиот чекор кон мирно решавање на конфликтот во Украина.

-Тој мора да ги повлече војниците, рече Шолц за време на посетата на Нутетал, во сојузната покраина Бранденбург – пренесоа британските медиуми.

Германскиот канцелар беше дециден дека во моментов нема знаци дека тоа се случува.

– Путин не смее да успее во својата цел, со употреби сила да анектира делови од соседна земја – рече Шолц.

Тој уште еднаш изрази уверување дека Германија ќе и помага на Украина во нејзината одбрана од руската агресија, се додека тоа е потребно.


Погодени инфраструктурни објекти во голем руски напад со дронови врз Украина

Русија во текот на ноќта изврши голем напад со беспилотни летала врз Украина, погодувајќи инфраструктурни објекти на југот и северот на земјата, соопшти денеска украинската армија.

Украинската воздушна одбрана собори 29 од 38 беспилотни летала Шахед од иранско производство, лансирани од територијата на Русија, соопшти Военото воздухопловство.

Воздухопловните сили во соопштението наведуваат дека нападот врз многу украински региони траел од 20 часот во петокот до 4 часот наутро во саботата по локално време.

Јужната воена команда соопшти дека е погоден објект на енергетска инфраструктура во регионот на Одеса.

„Оштетена е и административната зграда, а во нападот е ранет и еден цивил“, се наведува во соопштението објавено на Телеграм.

Во северниот украински регион Чернихив, на границата со Русија и Белорусија, во текот на ноќниот напад се оштетени две инфраструктурни згради, соопшти армијата.

– Цел на беспилотните летала беше и Киев – изјавија официјални лица, додавајќи дека сите дронови што се движеле кон главниот град биле соборени.