Фото: Принт-скрин

Русија прогласи четири украински провинции за дел од Руската Федерација, изјави претседателот Владимир Путин. Рускиот претседател нагласи дека „луѓето од окупираните региони во Украина се наши граѓани засекогаш“. Заедно со руското знаме, во салата поставени се и знамињата на ДНР, ЛНР, Запорошката и Херсонската област.

Фото: Принт-скрин

Путин го нарече Западот алчен, нагласувајќи дека сака Русија да биде негова колонија.

– Затоа Западот води хибридна војна против Русија. Тие не сакаат да не гледаат како слободно општество. Тие сакаат да не гледаат како куп робови. Ним не им треба Русија. Нам ни треба Русија – рече рускиот претседател.

Путин повторно ја искористи можноста да повтори дека Западот се обидува да ја ослабне Русија.

– Во 1991 година, Западот веруваше дека СССР или Русија нема да се вратат од тој удар. Имавме страшни деведесетти, но Русија го издржа и стана помоќна и го зазеде своето вистинско место. Но, Западот бара нови можности за не удрија и тие секогаш сонуваа да ги разделат нашите земји на помали земји кои ќе се борат една против друга. Западот има двојни, тројни стандарди. Русија е голема земја и голема цивилизација и нема да продолжи да живее под лажни правила – рече Путин.

Тој нагласи дека западните елити отсекогаш биле колонизатори и такви останале и дека Западот нема право да ги користи зборовите демократија и слобода бидејќи не ја поддржува одлуката на народот на Крим.

Рускиот лидер испрати порака до војниците кои учествуваат во воените акции во Украина, но и до нивните семејства

– Тие мора да разберат за што се бориме – рече Путин.

Русија одржа референдуми во четири делумно окупирани региони на Украина – Донецк, Луганск, Херсон и Запорожје и соопшти дека огромното мнозинство гласало за приклучување кон Русија.


Го обвини Западот за експлозиите што го предизвикаа истекувањето од „Северен тек“

Рускиот претседател Владимир Путин денеска го обвини Западот за организирање експлозии што резултирале со повеќекратно истекување гас од гасоводите „Северен тек“ од Русија до Европа.

– Санкциите не се доволни за Западот, тие се префрлија на саботажа со организирање експлозии на меѓународните гасоводи „Северен тек“ што минуваат по дното на Балтичкото Море – изјави Путин за време на церемонијата во Кремљ за анексија на четири региони на Украина.