Рускиот претседател Владимир Путин е информиран за терористичкиот напад во Москва „штом се случил“, а бил информиран од надлежните служби, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Песков додаде дека Путин ги издал „сите потребни инструкции“ во врска со вечерашниот вооружен напад во концертната сала „Крокус сити хол“, во кој загинаа најмалку 40 лица.
Шефот на руското Министерство за внатрешни работи Владимир Колоколцев е на местото на терористичкиот напад во Крокус.
Портпаролката на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова, масовното пукање во концертната сала „Крокус Сити Хол“, го нарече терористички напад.
– Руското Министерство за надворешни работи добива повици од целиот свет од обични граѓани кои изразуваат сочувство во врска со страшната трагедија во „Крокус Сити Хол“ и зборови за остра осуда на овој крвав терористички напад што се случува пред очите на целото човештво – напиша Захарова на Телеграм.
Горните катови на „Крокус Сити Хол“ речиси целосно изгореа, а социјалните мрежи се преплавени со снимки од уривање на покривот на салата. Локалните медиуми јавија и дека почнал да се урива и покривот на трговскиот центар кој бил зафатен од пожарот.
Најмалку 40 лица се убиени и 100 се повредени кога неидентификувани маскирани вооружени лица отворија оган во концертна сала во Красногорск, територија во непосредна близина на главниот град Москва. Нападот се случи во „Крокус Сити Хол“ во Красногорск, административниот центар на московската област, за време на концерт.
Андреј Воробјов, гувернерот на московскиот регион, изрази сочувство до семејствата на жртвите. Тој информира дека лекарите продолжуваат да им пружаат помош на местото на нападот. На терен се и два противпожарни хеликоптери.